Македонија

Сиљановска-Давкова: 2026-та да биде година на мир, правда и европска иднина

31.12.2025 12:13

Годинава што си оди ќе ја помниме по драматичните промени на меѓународниот поредок, незамисливите војни со огромни човечки жртви, маргинализирани меѓународни институции и суспендирано право, вели во новогодишната честитка претседателката Сиљановска-Давкова. Шефицата на државата посакува во 2026-та Македонија да се вдоми во Европската унија...

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во новогодишната честитка оцени дека 2025-та година ќе остане запаметена по драматичните глобални промени, војните, кризите и ослабеното меѓународно право.

Таа истакна дека државата водела европска надворешна и безбедносна политика и била видлив и почитуван актер, а во евроинтеграциите фокусот бил ставен на исполнување на Копенхашките критериуми. На домашен план, 2025-та ја оцени како почеток на реформи во правосудството, борба против корупцијата и криминалот, економски и инфраструктурни проекти и решавање на енергетските и дијаспорските прашања.

Претседателката посочи дека трагедијата во Кочани е најтешкиот момент од годината и нагласи дека правдата останува обврска.

Во пораката, Сиљановска-Давкова изрази надеж дека 2026-та година ќе донесе траен мир, напредок кон членство во Европската Унија и живот во услови на владеење на правото, демократија и просперитет, упатувајќи им новогодишни честитки на сите граѓани.