Ретроспектива: Светот во годината што изминува
Од природни катастрофи, војни, геополитички и општествени промени, се навраќаме на настаните што ја дефинираа 2025 година во светот.

Од природни катастрофи, војни, геополитички и општествени промени, се навраќаме на настаните што ја дефинираа 2025 година во светот.
САД
20 јануари 2025 година, Доналд Трамп беше избран за 47. претседател на САД.
„Добив околу 9 милиони повеќе отколку што добил кој било друг. Рекоа дека изгубивме. Ја прашав Меланија, што мислиш? А таа рече, сакаш ли повторно да го направиш тоа?“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Со 78 години и седум месеци, Трамп е најстариот инаугуриран претседател во американската историја.
УКРАИНА
Војната во Украина се интензивираше. Обидите за мировни разговори во неколку наврати не вродија со мир. Зеленски ја посети Белата Куќа, Путин се сретна со Трамп на Алјаска.
„Се согласивме дека безбедносните гаранции се клучна пресвртница во постигнувањето траен мир и нашите тимови ќе продолжат да работат на сите аспекти“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Дебатата за мировните предлози продолжува и во Новата Година.
ГАЗА
По две години крвопролевање Израел и Хамас постигнаа примирје. Мировниот план на Трамп за Газа и натаму не е спроведен во целост.
„Трамп, како претседател на најголемата земја во светот, беше директен посредник во договорот за прекин на огнот. Го повикуваме да го заврши овој договор и да премине на втората фаза за да можеме да се вратиме во нашите куќи, семејства и имоти, бидејќи сме исцрпени“, изјави раселен од Кан Јунис.
ЛИБАН
Израел постигна примирје со Хезболах, но од време на време продолжија нападите во Либан, за кои Израел тврди дека цели на милитантните групи.
ИРАН
Во јуни, Израел и Иран почнаа големи меѓусебни напади. Интервенираа американските сили и ги нападнаа клучните нуклеарни капацитети на Техеран. Прекин на огнот меѓу Израел и Иран беше постигнат со посредство од Катар.
„Исламската Република Иран и нашите вооружени сили се целосно подготвени и ќе одговорат со полна сила на секој авантуристички чин. Како што покажавме за време на 12-дневната херојска одбрана на суверенитетот на Иран, дејствуваме во одбрана на земјата. Спротивничките страни се целосно свесни за можностите и капацитетите на Иран“, изјави Исмаил Багаеи, портпарол на МНР на Иран.
ВАТИКАН
По долго боледување, на 88-годишна возраст во Април почина папата Франциск. 69 годишниот Американец Роберт Превост, кој го зеде името Лав 14, на 8 Мај беше избран за нов папа.
ЈАПОНИЈА /ИЗБОРИ
2025 беше изборна година за многу европски земји. Се гласаше и во Австралија, Јужна Америка, Кореја. За првпат во историјата, Јапонија доби жена премиер, 64-годишната Санае Такаичи.
ТРГОВИЈА
Американскиот претседател наметна царини за увоз за речиси сите земји. По долги преговори и закани дека тарифите може да достигнат и 200 проценти, шефот на Белата Куќа успеа да направи трговски договори со голем број држави вклучително и Велика Британија, ЕУ, Кина.
„Земјата добро се справува. Заработуваме стотици милијарди долари од царини кои навистина не направија посилни и многу побогати и ни дадоа одлична национална безбедност“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
АЗИЈА
Стотици лица загинаа во тропска бура што погоди три азиски држави. Индонезија, Малезија и Тајланд се соочија со големи поплави, свлечишта и десетици илјади раселени.
ЕВРОПА
2025 година беше обележана со поплави, лизгања на земјиште, урагани и пожари. Југоисточна Европа доживеа една од најактивните сезони на шумски пожари во последните години. Шпанија, Португалија, Франција, Грција, Кипар, Турција беа меѓу најпогодените.
Маријана Димовска
