Македонија во 2025-та година
На 16-ти март се случи најголемата трагедија во независна Македонија, пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. На Владата ѝ останува обврската за борба со корупцијата и криминалот, но и за одглавување на евроинтегративниот процес. Во 2025-та, локални избори, смени во врвот на Јавното обвинителство и Антикорупциска. За Собранието и Владата остануваат предизвиците- нов кривичен и изборен законик. Можна и реконструкција на Владата...

16-ти март, пожарот во дискотеката „Пулс“ ја потресе македонската јавност. Настрадаа 63 млади лица, над 200-те беа повредени. Обвинителството отвори истрага. По нецели 8 месеци од трагедијата, покренато обвинението. На 19-ти ноември почна судењето. На обвинителна клупа, 35 физички и три правни лица. Сите се изјаснија дека не се виновни. Обвинителството за гонење организиран криминал води посебна истрага и против 13 полициски службеници, а отворена е и предистражна постапка против службеници од управата за јавни приходи, за евентуални пропусти во нивното работење. Семејствата на настраданите бараат правда, но и одговорност.
Собранието формира Анкетна комисија за утврдување на околностите за трагедијата во Кочани и другите несреќи и трагедии во Македонија, предложена од ВМРО-ДПМНЕ, ВРЕДИ и ЗНАМ. На надзорната расправа во постојаната анкетна комисија за заштита на човековите права, присутни родителите на настраданите и државниот врв.
На осмите по ред Локални избори, ВМРО-ДПМНЕ освои 55 градоначалнички мандати. Орце Ѓорѓиевски е новиот градски татко на Скопје. Коалицијата ВРЕДИ доби 9 градоначалници, СДСМ освои 6 мандати, Националната Алијанса за Интеграција, предводена од ДУИ остана со 4 градоначалници. Лидерот на „ЗНАМ“ Максим Димитриевски доби нов мандат во Куманово, Унијата на Ромите победи во Шуто Оризари со Курто Дудуш, а во Струга независниот Ќура. Поради малата излезност, изборите ќе се повторат во Гостивар, Центар Жупа, Врапчиште и Маврово-Ростуше. Гласањето е на 11-ти јануари.
На конгресот во Кавадарци, Христијан Мицкоски реизбран за лидер на ВМРО-ДПМНЕ. Најави и промени во најтесното раководство.
На вонреден конгрес пак, Али Ахмети ја доби довербата и натаму да ја води ДУИ.
СДСМ претстави предлог-резолуција за утврдување на црвени линии за евроинтеграциите, со конкретни рокови за спроведување на уставните измени. Власта ја отфрли. Мицкоски најави „Македонска резолуција“ за заштита на македонските национални интереси.
Власта и опозицијата со меѓусебни обвинувања и за евентуално доаѓање мигранти во земјава. Во Собранието усвоена резолуцијата за осуда на манипулациите на опозицијата и за потврда на политиките против нелегалната миграција, поднесена од ВМРО-ДПМНЕ. Опозицијата не гласаше.
Мухамед Хоџа за Министер за животна средина и Беким Сали за европски прашања, нови министри во Владата на Мицкоски.
До Собранието, Владата со предлог за разрешување на Републичкиот јавен обвинител. Љупчо Коцевски пред пленарката си поднесе неотповиклива оставка. Барањето за смена го оцени како политичка одлука.
Советот на јавни обвинители за в.д. Државен јавен обвинител ја избра Анита Тополова-Исајловска. Собранието ги изгласа измените на Законот за Судскиот совет. Отворена постапката за избор на нов републички јавен обвинител. Огласот трае 15 дена.
Пред пратениците, годишно обраќање на Претседателката Сиљановска-Давкова.
Владејачкото мнозинство во парламентот поднесе предлог-измени на кривичниот законик, предизвик што останува за идната година.
Милчо Велески
