Се отвора преноќевалиштето во пунктот за бездомници во Момин Поток
Температурата паѓа под нулата, празничната атмосфера расте, но за бездомните лица новата година почнува без топол дом – изложени на силен студ, ноќта ја минуваат на улица. Најризично е нивното здравје, мобилните тимови на Црвениот крст се на терен. Во пунктот во Момин Поток се отвора преноќевалиштето, таму ќе можат да се засолнат од минусните температури...

Температурата паѓа под нулата, празничната атмосфера расте, но за бездомните лица новата година почнува без топол дом – изложени на силен студ, ноќта ја минуваат на улица. Најризично е нивното здравје, мобилните тимови на Црвениот крст се на терен, изминатите денови интервенирале кај 10-тина бездомни лица. Во пунктот во Момин Поток се отвора преноќевалиштето, таму ќе можат да се засолнат од минусните температури.
„Во изминатите денови кога температурата падна до минус пет или минус седум степени, 10-тина интервенции имаше на терен, каде кај бездомните лица сме дошле може би во вистински период, за да бидат транспортирани до центарот каде им следуваат сите сервисни услуги, пренесување на проблемите на стручниот тим за да можеме во дадениот момент да изреагираме“, изјави Драгана Лазаревска – координатор на пунктот за бездомници на Црвениот крст.
Тука добиваат топол оброк, лекарска помош, облека. Министерството за труд и социјална политика дава финансиска поддршка на пунктот каде при минусни температури можат да преноќат околу 40 бездомници, а 160 ги користат социјалните услуги. Се користат и капацитетите на центарот за бездомници „Чичино село“. Надлежните работат на ресоцијализација на овие лица.
Од црвениот крст посакуваат во новата година да имаат повеќе успешни приказни. Не сакаат овие лица да бидат зависни од пунктот во момин поток, туку тој да им биде едно поглавје во животот и да можат да се вратат во нормалниот тек на живеење.
Црковно народната кујна при МПЦ, шест дена во неделата подготвува топол оброк за социјално ранливите категории. Станува збор за над 200 оброци кои се разнесуваат на девет пункта во градот.
Андријана Ѓурческа
