Скопје

Дочек на Нова година на плоштадот „Македонија“

01.01.2026 09:47

Новата 2026-та на плоштадот „Македонија“ во Скопје дочекана со разновидна празнична програма за сите возрасти и со музика на пејачи од македонската естрада. И премиерот Мицкоски Новата година ја дочека на скопскиот плоштад. На полноќ немаше огномет. Граѓаните со желби за здравје, мир и благосостојба …

Под отворено небо со насмевки, со желби, со надеж за подобро утре. Скопјани, но и гостите, ја испратија годината што помина со сета нејзината тежина и радост и ја пречекаа новата со отворено срце. Се споија стрелките на часовниците, се споија желбите на граѓаните кои за дочекот се собраа на скопскиот плоштад.

„Семејството е најважно“, велат дел од граѓаните.

Многу семејства беа заедно, температурата падна под нулата, но не и расположението. Новата година ни потврди дека највредното нешто што го имаме се луѓето до нас, миговите што ги делиме и надежта дека заедно се е поубаво и полесно.

И додека едни се забавуваа, други работеа, но со задоволство годината да биде слатка и распеана.

Каква и да беше, старата година ја испративме со благодарност, а новата да ја дочекаме со надеж. Кога ќе се изгасат светлата и ќе стивне музиката, во срцата треба да ја задржиме топлината на прегратките, добрината, желбите.

Наташа Јанчиќ-Менковски