Светот ја дочека Новата 2026-та со спектакуларни огномети, но и со засилена безбедност
Светот ја дочека Новата 2026-та со спектакуларни огномети, но и со засилена безбедност. Еден час пред влегувањето на Австралија во новата година, се одржа минута молк за жртвите од нападот на плажата Бонди. На новогодишна забава во ски-центарот Кран-Монтана во јужна Швајцарија, загинаа неколку лица, а неколкумина се повредени...

Од Исток кон Запад, милиони луѓе се збогуваа со старата и ја пречекаа новата со надеж и оптимизам. Првите честитки пристигнаа од Пацификот. Нов Зеланд и Австралија го почнаа новото лето со импресивни светлосни шоуа, но и оддавање почит на жртвите од терористичкиот напад на плажата Бонди во Сиднеј.
Традиционалните ѕвона во Токио, Пекинг и Сеул го најавија новиот почеток, додека Европските метрополи-Париз, Лондон, Берлин, Рим беа исполнети со илјадници граѓани и туристи. Триумфалната капија на Шанзелизе блесна во сиот сјај. Градот на светлината го оправда своето име.
„Би сакала да видам среќни луѓе околу мене, да нема војна никаде. Сè што посакувам е среќа за целиот свет“, изјави Таисија Гирда, туристка од Истанбул.
Во сенка на гламурот, претседателот Макрон го препозна незадоволството на јавноста во земјата погодена од политичка и економска криза, ветувајќи брз договор за буџетот, нарекувајќи ја 2026 „корисна година“.
„Го знам целото нетрпение, а понекогаш и гневот, што продолжува да постои во земјата. Во првите недели од новата година, владата и Парламентот ќе мора да изработат договори за да ѝ обезбедат на нацијата буџет. Ова е од суштинско значење. Затоа, оваа година мора и ќе биде корисна година“, изјави Емануел Макрон, претседател на Франција.
Со одекнувањето на камбаните на Биг Бен, Лондон симболично го означи новото лето додека огнометот ги шараше водите на Темза.
„Работевме на ова со месеци. Над 12.000 огномети, одлични светла, анимација, се надеваме дека 2026 ќе биде одлична година“, изјави Садик Кан, градоначалник на Лондон.
Со традиционалното спуштање на светлечката топка на Тајмс Сквер во Њујорк, годинава симболизирајќи ја двеипол вековната американска годишнина, пред очите на милиони гледачи ширум светот и САД ја одбележа Новата 2026 година.
Сепак, и годинава се забележани инциденти на новогодишната ноќ. Неколку лица се убиени, а други повредени по експлозија во бар во швајцарскиот скијачки центар Кран-Монтана, соопшти полицијата. Во сенка на војната во Украина, и годинава прославите во Москва беа откажани.
Бојана Крстевски
