Уникатност во празничното украсување на излозите
Во периодот кога владее празнична атмосфера и еуфорија, градските излози добиваат поинаков лик. Со уметност и креативност, ликовните уметници создаваат вистинска магија и прекрасна зимска идила, на стаклата на објектите покрај кои секојдневно поминуваме. Сопствениците сè почесто се одлучуваат за рачно насликани новогодишни мотиви, кои ги повикуваат минувачите да застанат и да ја почувствуваат радоста на новата година…

За време на новогодишните празници, градските излози, добиваат празничен сјај. Сопствениците барајќи уникатност, сè почесто се одлучуваат нивните стаклени површини да бидат претворени во уметнички дела, насликани со елки, снегулки, и новогодишни симболи, кои ја носат магијата помеѓу минувачите.
Уметницата Анкица Стевановска повеќе од 10 години, со четка, боја и инспирација ги претвора овие стаклени површини во вистинска зимска идила. Цртањето на овие уникатни и креативни излози, иако изгледа едноставно, сепак е многу потешко.
Во денови кога снегот ни недостасува, овие зимски мотиви, покрај кои минуваме, даваат реално чувство, како да сме дел од најубавата зимска бајка.
Рачно насликаните излози не само што го разубавуваат градот, туку ја поттикнуваат креативноста и празничниот дух, а внесуваат и радост во секојдневието на граѓаните.
Оние граѓани кои ја познаваат и негуваат уметноста, задоволни се што ваквите уметнички дела можат да се видат на улица, но и воодушевени, од уникатниот начин на украсените стакла.
Иако овој начин на новогодишно украсување, сè уште не е доволно застапен, сепак интерес постои. Покрај Битола ваквите празнично уметнички дела на излозите, можат да се видат и во поголемите градови, како Скопје, Тетово и Штип.
Александра Максимовска
