Нова година

Милиони луѓе се збогуваа со старата и ја пречекаа Новата година со надеж и оптимизам

01.01.2026 15:00

Светот ја дочека Новата 2026-та со спектакуларни огномети, но и со засилена безбедност. Еден час пред влегувањето на Австралија во новата година, се одржа минута молк за жртвите од нападот на плажата Бонди. На новогодишна забава во ски-центарот Кран-Монтана во јужна Швајцарија, загинаа неколку лица, а неколкумина се повредени...

Од Исток кон Запад-светот ја испрати старата и ја пречека Новата 2026 година. Нов Зеланд и Австралија први ја осветлија ноќта со спектакуларни шоуа, но и тивка почит за жртвите од нападот на плажата Бонди во Сиднеј.

Традиционалните ѕвона одекнаа низ Азија, но ѕвоното на Биг Бен го најави новиот почеток и во Европа. Раскошен огномет го рашара небото над Лондон.

„Работевме на ова со месеци. Над 12.000 огномети, одлични светла, анимација, се надеваме дека 2026 ќе биде одлична година“, изјави Садик Кан, градоначалник на Лондон.

Спектакли блеснаа и во Париз, Берлин, Рим, преплавени од туристи.

„Би сакала да видам среќни луѓе околу мене, да нема војна никаде. Сè што посакувам е среќа за целиот свет“, изјави Таисија Гирда, туристка од Истанбул.

Триумфалната капија на Шанзелизе во полн сјај – Градот на светлината повторно го оправда своето име.

Во сенка на гламурот, претседателот Макрон го призна незадоволството на јавноста во земјата погодена од политичка и економска криза, ветувајќи брз договор за буџетот и оценувајќи ја 2026 како „корисна“ година.

„Го знам целото нетрпение, а понекогаш и гневот, што продолжува да постои во земјата. Владата и Парламентот ќе мора да изработат договори за да ѝ обезбедат на нацијата буџет. Ова е од суштинско значење. Затоа, оваа година мора и ќе биде корисна година“, изјави Емануел Макрон, претседател на Франција.

Падот на светлечката топка на Тајмс Сквер во Њујорк традиционално го одбележа влезот во 2026, но годинава симболизирајќи ја и двоипол вековната американска годишнина.

Новогодишната ноќ, сепак не помина без инциденти и жртви. Десетици луѓе загинаа, стотици се повредени по експлозија во бар во швајцарскиот скијачки центар Кран-Монтана. Се верува дека меѓу жртвите има и туристи. Според сведоците, пиротехнички направи поставени на шишиња со алкохол предизвикале пожар на таванот. Истрагата е во тек.

„Беше тотален шок. Видов луѓе како паничат, врескаат. Наплив од амбулантни возила и полиција. Сè веќе беше обезбедено. Но сè уште непознато што всушност се случува. Ги следиме упатствата на кантоналната полиција и меѓуопштинската противпожарна бригада. Таму сме за да им ја олесниме работата иако е исклучително комплицирана. Но, навистина, тука сме да помогнеме“, изјави Никол Бонвин Кливаз, потпретседател на Кран Монтана.

„Мислев дека е само огномет, како што се случува на 31-ви. Но, потоа видовме многу луѓе кои врескаа. Имаше страшна паника“.

Во раните утрински часови на Нова година изгоре и историска црква во центарот на холандскиот град Амстердам стара 154 години. Се истражува причината за пожарот.

 

Бојана Крстевски