Шварцарија

Се истражуваат причините за трагедијата во Швајцарија

02.01.2026 08:49

Сè уште се истражуваат причините за трагедијата на новогодишната забава во ски-центарот „Кран-Монтана“ во јужна Швајцарија. Во пожарот предизвикан од пиротехника, загинаа над 40 лица, а стотина се повредени. Според снимките што кружат на социјалните мрежи, поради преголемата концентрација на луѓе и недоволниот број на сигурносни излези, многумина биле принудени да скокаат низ прозорците.

Тешка тишина го пара воздухот под швајцарските Алпи во ски-центарот „Кран Монтана“. Земјата живее денови на жалост додека расте бројот на жртви по пожарот што изби во барот „Ле Констелејшн“ за време на новогодишната ноќ. Голем број од повредените се во критична состојба, дел се префрлени во болниците во соседството. Франција, Италија, Австралија пријавија дека меѓу повредените има нивни државјани, додека дел и натаму се водат за исчезнати. Според медиумите на 13 возрасни и 8 малолетници кожата им е изгорена над 60 проценти.

„Броиме околу 40 жртви и приближно 115 повредени, повеќето од нив сериозно. Во деновите што доаѓаат, приоритет ќе биде идентификувањето на починатите, за да можат нивните тела брзо да им бидат вратени на нивните семејства“, изјави Фредерик Гислер – полициски комесар.

Швајцарскиот претседател ја опиша несреќата како „една од најлошите трагедии што земјата некогаш ги доживеала“ и изјави дека поголемиот дел од загинатите биле млади луѓе.

„Ова е трагедија од невидени и ужасни размери. Многу животи, претежно млади, се изгубени. Зад овие бројки стојат лица, имиња, семејства, судбини брутално прекинати или засекогаш променети. Во име на владата упатуваме најискрено сочувство на семејствата и најблиските на жртвите“, изјави Ги Пармелен – претседател на Швајцарија.

Причината за пожарот сè уште се истражува, иако сведоци велат дека сè се случило многу брзо откако огномет прикачен на шише шампањ било подигнато премногу блиску до дрвениот таван. Поради преголемата концентрација на луѓе и недоволниот број на сигурносни излези, многумина биле принудени да скокаат низ прозорците.

„Сè уште сум во шок. Не можам да сфатам што се случи. Чувствувам како да е сето ова кошмар од кој ќе се разбудам. Синоќа не заспав ни секунда, не можев, секое затворање на очите ми се враќаа слики на луѓе што ги реанимираат, на луѓе кои беа целосно изгорени. Видов луѓе како умираат. Како се туркаат едни со други, паѓаа по скалите, некои беа газени, не можеа да излезат и починаа внатре. Тешко е да се поднесе сето ова“, изјави Натан Хугенин – преживен.

Пожарот избил во 1 часот и 30 минути по полноќ на новогодишната ноќ, бил пријавен веднаш и вклучен црвениот аларм. Обвинителите велат дека е прерано да се утврди причината за пожарот, но експресно ја отфрлија можноста дека се работи за каков било напад. Се истражуваат и безбедносните пропусти.

„Првичната теорија моментално е дека пожарот предизвикал експлозија. Сослушани се неколку сведоци, пронајдени се и телефони за анализа. Во однос на течноста на скалите, ги забележав на лице место. Отворена е истрага за да се расветлат околностите. Таа ќе утврди дали биле исполнети и сите безбедносни стандарди“, изјави Беатрис Пилуд – државен обвинител на кантонот Вале.

Светот солидаризиран од трагедијата. Освен пораки со сочувство, државите нудат и помош за справување со трагичниот настан. Од Брисел соопштија дека соработува со швајцарските власти за да им се обезбеди медицинска помош на жртвите преку механизмот за цивилна заштита на ЕУ.

 

Бојана Крстевски