Македонија

Делумен прекин на железничкиот сообраќај поради бојкот на дел од персоналот

02.01.2026 10:38

Бојкотот започнал вчера поради неисплатениот втор дел од платата за ноември и неисполнети барања од претходниот бојкот, и покрај постигнат договор со раководството.

Патничкиот и товарниот железнички сообраќај во земјава е во делумен прекин поради бојкот на поголемиот дел од машинскиот и извршниот персонал во МЖ Транспорт, информира Тони Димовски од Синдикалната организација на машиновозачи.

Бојкотот започнал вчера поради неисплатениот втор дел од платата за ноември и неисполнети барања од претходниот бојкот, и покрај постигнат договор со раководството. Димовски вели дека бојкотот ќе продолжи сè додека не бидат повикани на преговори и не добијат писмена гаранција за исполнување на барањата.

Според него, во бојкот се вклучени околу 60 до 70 проценти од персоналот, поради што не сообраќаат поголемиот дел од патничките возови, додека товарниот сообраќај се одвива делумно.

Потсетува дека на почетокот на декември железничкиот сообраќај беше целосно во прекин, а меѓу клучните синдикални барања се исплата на прекувремена работа, бонуси, покачување на коефициентите и додатоци на плата.