Македонија и натаму се соочува со негативен природен прираст
Повеќе умрени од родени, помалку бракови, повеќе разводи- покажува Статистичкиот годишник на Државниот завод за статистика...

Очекуваниот животен век во земјава лани се зголемил за една година и изнесува 76,6 години, но Македонија и натаму се соочува со негативен природен прираст, покажуваат податоците од „Статистичкиот годишник 2025“ на Државниот завод за статистика.
Во 2024 година се родиле 16.061 дете, а починале 20.201 лице, што значи намалување на населението за 4.140 жители. Позитивен природен прираст имал само Скопскиот регион, додека во сите останати бројот на починати значително го надминал бројот на родени.
Највисок природен прираст е забележан во Арачиново (+10,5) и Студеничани (+9,7), а најголем пад има во Ново Село (-14,8) и Новаци (-13,7). Во Скопје, најпозитивни бројки има во Сарај и Чаир, додека Кисела Вода и Карпош бележат негативни бројки.
Податоците покажуваат и продолжување на трендот на намалување на живородени деца, како и промени во семејната структура. Бројот на склучени бракови лани се намалил за 1.600 и изнесува 11.066, додека разводите се зголемиле за 259, на вкупно 2.024.
Во просек, на 1.000 склучени бракови имало 183 разводи, при што највисоки стапки се евидентирани во Вардарскиот, Источниот и Југоисточниот регион.
