Здравство

Грипот зема замав, лекарите со апел да се избегнат компликациите

02.01.2026 14:55

Новогодишните прослави го зголемуваат бројот на заболени од грип, а лекарите предупредуваат дека ненавременото лекување може да доведе до сериозни компликации. Новогодишната ноќ помина со мал број сообраќајни незгоди, а на Токсикологија повторно биле третирани млади лица поради алкохолизираност, меѓу кои и малолетници…

Грипот зема замав. Прославите и дружењата за новогодишните празници го зголемија бројот на заразени. Лекарите предупредуваат да се посетат матичните лекари за да се избегнат компликациите од грипот, односно суперинфекциите со бактериски причинител. Доколку сепак се усложни ситуацијата, се советува да се обратат и до дежурните служби за да не биде предоцна за лекувањето.

Годинава ќе остане за паметење дека на новогодишната ноќ се случиле само две сообраќајни незгоди со двајца повредени пренесени на Ургентен. Лекарите сметаат дека системот „Сејф сити“ дава резултати.

И овојпат на Токсикологија поради алкохолизираност третирани биле, за жал, пред сè млади лица, меѓу кои малолетници. Лекарите советуваат да се внимава со исхраната и за претстојните божиќни празници, особено со алкохолот кој поради ниските температури може да биде со фатален исход.

Фиљана Кока