Обвинение против петмина директори и раководители во подружници на РЕК Битола
Покренато е обвинение против сопственикот на компанијата која добивала незаконски тендери во РЕК Битола. Сумата од милион и 700 илјади евра што ја заработил е конфискувана од Обвинителството и замрзнат дел од имотот до правна разврска...

Наштимале тендер за пренос на погонски станици од рудникот „Осломеј“ иако знаеле дека опремата што треба да се монтира во РЕК Битола не одговара на потребите на Комбинатот. Ова стои во обвинението против петтемина директори и раководители во подружници на Електраната кои се товарат за злоупотреба на службената положба и местење тендер.
Обвинителството тврди оти има докази дека јавната набавка била така скроена да условите ги исполнувала само една фирма, со која бил потпишан договор тежок 1,7 милиони евра.
Дополнително, фирмата, заедно со сопственикот и уште двајца вработени се обвинети дека наплатиле пари за работа која не ја завршиле.
„Тврделе дека работите на монтажа на погонските станици се завршени, иако донесената механичка и електроопрема стоела расфрлана во кругот на РЕК Битола. Незавршената обврска ја наплаќале врз основа на невистинитата документација со што правното лице се стекнало со противправна имотна корист од големи размери“, се вели во соопштението од Јавно обвинителство – Битола.
Обвинителството бара фирмата да ја надомести штетата во износ од 1,7 милиони евра, па затоа во истрагата се запленети пари, злато, возила и дел од имотот што фирмата го имала во Србија кој ќе биде замрзнат до завршување на кривичната постапка.
Анита Димитријевска – Велковска
