Идентификација на жртвите од трагедијата во Кран-Монтана
Продолжува потрагата по исчезнати во пожарот во барот во Кран-Монтана. Над 40 жртви, повеќе од 110 повредени. Стотици млади сведочат за ноќта на ужасот која наместо новогодишна магија, донесе трагедија од невидени и застрашувачки размери по употребата на пиротехника. Швајцарија живее во денови на жалост…

Тешка тишина го пара воздухот под швајцарските Алпи, во ски-центарот Кран-Монтана. Наместо празнична врева, се живеат денови на жалост и неизвесност, додека продолжува потрагата по исчезнатите од разорниот пожар во барот „Ле Констелејшн“. Семејствата соочени со мачно чекање за идентификација на најблиските.
„Броиме околу 40 жртви и приближно 115 повредени, повеќето од нив сериозно. Приоритет ќе биде идентификувањето на починатите, за да можат нивните тела брзо да им бидат вратени на нивните семејства“, изјави Фредерик Гислер, полициски комесар.
Франција, Италија, Австралија потврдија дека меѓу настраданите има нивни државјани, додека дел и натаму се водат за исчезнати. Околу 60 повредени се веќе префрлени во болниците во соседството.
„Едно од децата има подлабоки и пошироки изгореници, другите две имаат површински и помалку широки изгореници. Некои се на интензивна нега, други на одделот за изгореници“, изјави д-р Франц Преис, директор на пластична реконструктивна хирургија во болница Нигурда, Италија.
„Не сме неодговорни родители кои, како што слушнав, ги пуштаат нашите деца да одат во бар. Ова е скијачки центар. Луѓе од сите возрасти се забавуваат заедно. Сакам фотографијата од мојот син да биде насекаде, во случај да е во болница тука или во странство. Поминаа 30 часа откако мојот син исчезна, 30 часа откако немам никакви вести за моето дете“, вели Летиција Бродар, мајка на една од можните жртви.
Швајцарскиот претседател трагедијата ја опиша како „една од најлошите што земјата некогаш ги доживеала“.
„Ова е трагедија од невидени и ужасни размери. Многу животи, претежно млади, се изгубени. Зад овие бројки стојат лица, имиња, семејства, судбини брутално прекинати или засекогаш променети. Во име на владата упатуваме најискрено сочувство на семејствата и најблиските на жртвите“, изјави Ги Пармелен, претседател на Швајцарија.
Сведоците велат – огнот се проширил многу брзо откако огномет прикачен на шише шампањ бил подигнат близу до дрвениот таван. Поради метежот и недоволните излези, дел од присутните морале да скокаат низ прозорците. Обвинителите велат-прерано е да се утврди точната причина, но потврдија дека истражуваат и безбедносни пропусти.
„Синоќа не заспав ни секунда, не можев, секое затворање на очите ми се враќаа слики на луѓе што ги реанимираат, на луѓе кои беа целосно изгорени. Видов луѓе како умираат. Како се туркаат едни со други, паѓаа по скалите, некои беа газени, не можеа да излезат и починаа внатре. Тешко е да се поднесе сево ова“, рече Натан Хугенин, преживеан.
„Првичната теорија е дека пожарот предизвикал експлозија. Сослушани се неколку сведоци, пронајдени се и телефони за анализа. Во однос на тесните скали, ги забележав на самото место. Отворена е истрага за да се расветлат околностите. Таа ќе утврди дали биле исполнети и сите безбедносни стандарди“, нагласи Беатрис Пилуд, државен обвинител на кантонот Вале.
Светот солидаризиран од трагедијата. Освен пораки со сочувство, државите нудат и помош за справување со трагичниот настан. Од Брисел соопштија дека соработуваат со швајцарските власти за да им се обезбеди медицинска помош на жртвите преку механизмот за цивилна заштита на ЕУ.
Бојана Крстевски
