Македонија

Со австриска поддршка до Доброволно противпожарно друштво во Босилово

03.01.2026 12:33

Општина Босилово ќе воспоставува соработка со покраината Тирол од Австрија од каде најавија поддршка за формирање и обука на доброволно противпожарно друштво во ова општина. Инаку во струмичкиот регион освен професионалната единица функционираат и три доброволни противпожарни друштва …

Со австриско искуство и поддршка во Општина Босилово ќе се формира доброволна единица која ќе интервенира при елементарни непогоди. Поддршката ја најави амбасадорот Мартин Памер, кој беше во посета на Босилово, истакнувајќи дека преку соодветна програма на покраината Тирол од Австрија веќе се помага во неколку општини во Македонија.

„Владата на покраината Тирол веќе помогна на општините Куманово, Тетово Охрид. Планираме оваа програма да се развива и во следните десетина години. Следниот чекор е во Босилово да развиеме доброволно противпожарно друштво“, кажа австрискиот амбасадор Памер.

Градоначалникот на Босилово, Ристо Манчев, смета дека соработката со австриски општини ќе дадат дополнителен инпут во формирање и развој на доброволно противпожарно друштво.

Само општина Босилово нема свое доброволно противпожарно друштво. Општините Василево и Ново Село со донации во опрема и возила формираа, а во Струмица освен професионалната противпожарна бригада од лани има и доброволно друштво.

Ване Трајков