Две монтажни училишта за новата учебна година во прилепските села

08.09.2014 10:45

За 30 –ина ученици од две прилепски села за еден месец ќе бидат изградени нови монтажни училишта. Ова е проект на Министерството за образование за еднакви услови за настава за учениците во населените места во земјава. Во Прилеп бројот на првачиња останува ист последниве години...

Триесетина ученици од прво до петто одделение во две прилепски села ќе добијат нови монтажни училишта и убави услови за настава. Завршуваат работите на двете училишта Галичани и Беровци.

„Во ова ново училиште ќе имаме подобра и поуспешна настава. Ќе има и нови нагледни средства, ќе има подобри услови за учење и за нас и за децата“, вели учителката во училиштето во селото Галичани.

Децата нестрпливи да седнат во новите клупи.

„Сакам да заврши изградбата на новото училиште и да седнам да учам...Многу е убаво и сакам да учам во ова училиште“, велат децата.

Монтажните училишта се проект на Министерството за образование за да имаат исти услови за настава и децата во населените места. За нив се одвоени 5 милиони денари од кои, еден милон е на прилепските локални власти. Веќе функционира и третото монтажно училиште во селото Чепигово.

„Станува збор за монтажни училишта по европски стандарди. При крај се работите и очекуваме за еден месец да биде отворено и ова училиште“, вели Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.

Засега учениците од Беровци патуваат во соседното Ново Лагово. Старите училишни згради ќе се реновираат, а едната ќе биде детска градинка.

Во Прилеп учебната година ја започнаа 7.000 основци и 3.500 средношколци. Во клупите седнаа и 750 првачиња чиј број во Прилеп последниве години ниту се намалува, ниту зголемува.

Елизабета Митреска