Охрид годинава со најголем буџет
Историски најголем буџет од околу 2,4 милијарди денари ќе има Општина Охрид годинава. Локалната власт најавува реализација на капитални проекти, додека опозицијата критикува за недоволно средства за заштита на животната средина …

Општина Охрид годинава ќе располага со историски најголем буџет. Станува збор за околу 2,4 милијарди денари, што, според градоначалникот, е резултат на позитивното финансиско работење во изминатите години и обезбедува стабилност и континуитет во реализацијата на капиталните проекти. Годинава ќе се гради катната гаража, а ќе се реконструира и плоштадот „Крушевска Република“.
„Во тек е втората објава за катната гаража. Првата беше неуспешна, така што на почетокот на 2026 година се очекува да отпочне и оваа постапка. Отпочна изградбата оваа година на плоштадот кај Чинарот. Едноставно, секако ќе продолжи начинот и динамиката на којашто вложувавме буквално во секое едно населено место и село во Охрид, во инфраструктурата“, вели градоначалникот Кирил Пецаков.
Опозицијата со критики за буџетот. Велат, недоволно внимание се посветува на заштитата на животната средина.
„Конкретно, како императив би го издвоил загадувањето и справувањето со загадувањето на воздухот во Охрид, односно заштитата на животната средина. Паѓа во очи и мотив за гласање против е намалување на средствата за изградба на заштитни објекти околу Охридското Езеро“, вели Иван Димоски, советник од СДСМ.
За заштита на животната средина годинава во буџетот се издвоени 11,4 милиони денари, а за поттикнување на развојот на туризмот околу 18,5 милиони денари.
Соња Рилковска
