Расте бројот на лицата од ранлива категорија
Народната кујна во Битола им дава можност да почувствуваат дека се луѓе барем еднаш дневно...

Новата година ни дојде, ама на многумина старите маки им останаа. Едни поради безработица, други со слабо здравје, децении се мачат за гола егзистенција. И на минусните температури го пречекаа комбето кое дели топол оброк.
Народната кујна во Битола им дава можност да почувствуваат дека се луѓе барем еднаш дневно.
„Во Битола има 120 приматели на дневен топол оброк. Ова се лица кои се изложени на висок социјален ризик од сиромаштија и лица корисници на права од социјална заштита“, изјави Билјана Младеновска-градинка „Естреја Овадија Мара“, Битола.
А, хуманитарното здружение „Утешител“, на 130 семејства во Битола кои се наоѓаат на маргините на општеството, веќе две децении освен со храна им помагаат и со лекови, огрев, облека, но и со психолошка поддршка-да се истрае во тешките животни периоди.
Ако Дедо Мраз беше вистинскиот којшто ги исполнува желбите, веројатно овие луѓе одамна ќе имаа пристоен живот.
Едни за Нова година во Дубаи, други на скијање во елитни скијачки центри, а трети го чекаат комбето на Народната кујна за парче леб.
Ружица Ѓоршевска
