Свет

Американски напад на Венецуела, Мадуро е заробен и протеран од земјата- потврди Трамп

03.01.2026 12:01

Американски напади во Венецуела. Погодени воени бази и пристаништа во Каракас. Прогласена вонредна состојба во земјата. Венецуелската влада ги повика политичките и општествените сили да се мобилизираат. Американскиот претседател Трамп на социјалните мрежи тврди дека за време на акцијата, претседателот Мадуро и неговата сопруга биле заробени и протерани од земјата…

По месеци тензии и меѓусебни обвинувања, САД извршија воздушни напади врз Венецуела, вклучувајќи го и нејзиниот главен град Каракас и воените објекти. Жителите сведочат за серија експлозии и ниски прелети на авиони, по што делови од градот останале без струја. Погодено и главното пристаниште. Во земјата прогласена вонредна состојба.

„Слушнавме летање на авиони и неколку експлозии, најмалку десетина. Сега излегов и гледам дека се наоколу е чад, мириса на креолин“, вели Енрике, жител на Каракас.

Американскиот претседател Трамп на социјалните мрежи тврди дека за време на акцијата, претседателот Мадуро и неговата сопруга биле заробени и протерани од земјата.

„Соединетите Американски Држави успешно извршија голем напад врз Венецуела и нејзиниот лидер, претседателот Николас Мадуро, кој, заедно со неговата сопруга, беше заробен и протеран од земјата. Оваа операција беше спроведена во соработка со американските органи за спроведување на законот“, соопшти американскиот претседател, Доналд Трамп.

Иако опозицијата во Венецуела тврди дека ова било договорено, Владата остро ја осуди воената агресија и ги обвини САД за варварски и флагрантен напад. Министерот за одбрана соопшти дека операциите за утврдување на жртви и повредените се во тек, истакнувајќи дека нападот не е борба против наркотероризмот, туку има за цел промена на режимот во земјата. Упати протест до меѓународната заедница и повика на единство и отпор.

„Соочени со овој подмолен и кукавички напад што ги загрозува мирот и стабилноста на регионот, го креваме најсилниот можен протест пред меѓународната заедница и сите мултилатерални организации, повикувајќи на осуда на владата на САД за нејзиното флагрантно кршење на Повелбата на ООН и меѓународното право. Оваа инвазија го претставува најголемиот гнев што го претрпела земјата, кој одговара на незаситната алчност за нашите стратешки ресурси. Далеку од наводната борба против наркотероризмот, оваа жална акција дефинитивно бара присилна промена на режимот. Тие нè нападнаа, но нема да нè покорат“, изјави Владимир Падрино Лопез, министер за одбрана на Венецуела.

Мадуро синоќа во интервју за државниот сервис, изјави дека е отворен за разговори со САД за трговијата со дрога, за нафтата и миграцијата, но и покрај понудената дипломатија настаните кулминираа по неколкумесечните предупредувања од Вашингтон кон Каракас и директните обвинувања на Трамп дека Мадуро ги користи приходите од нафтата за финансирање на трговија со дрога. Ова е најголемата воена ескалација во регионот по Студената војна.

Бојана Крстевски