Се заострува истрагата за трагедијата во Кран Монтана
Форензичарите, поради целосното уништување на објектот, започнаа ДНК-идентификација на жртвите, меѓу кои има државјани од неколку европски земји. Истражителите ја проверуваат и можноста нелегална пиротехника да го предизвикала пожарот.

Истрагата за трагедијата во швајцарското одморалиште Кран Монтана се заострува. По пожарот и експлозијата во барот „Le Constellation“, во која загинаа 40 лица, обвинителството води истрага за убиство од небрежност. Сослушани се тројца менаџери, а постојат сериозни сомнежи дека локалот бил пренатрупан и дека излезите за евакуација биле блокирани.
Форензичарите, поради целосното уништување на објектот, започнаа ДНК-идентификација на жртвите, меѓу кои има државјани од неколку европски земји. Истражителите ја проверуваат и можноста нелегална пиротехника да го предизвикала пожарот.
Петнаесет повредени се во критична состојба, додека швајцарската влада најави итна ревизија на безбедноста во сите алпски ноќни клубови.
„Во однос на 119-те повредени лица, и врз основа на елементите што ги собравме-113 се формално идентификувани. Од нив-71 се швајцарски државјани, 14 француски, 11 Италијанци, четворица Срби, еден Босанец, еден Белгиец, еден Луксембургец, еден Полјак и еден Португалец. Во тек е и идентификацијата на 40-те жртви, таа останува наш приоритет. Имаме потребни ресурси за ова и можеме да се потпреме на поддршката од бројни специјалисти од различни кантонални полициски сили во Швајцарија, на кои им се заблагодарувам“, изјави Фредерик Гислер, полициски комесар за кантонот Вале.
„Сè укажува дека пожарот започнал од прскалките поставени на шишињата шампањ донесени блиску до таванот. Оттаму, се појавил брз и општ пожар, што довело до овие резултати. Во разговорите што беа спроведени со двајцата француски менаџери и некои преживеани, успеавме да направиме списоци на луѓе кои биле присутни на настанот кои ни се од помош при идентификацијата. Продолжената истрага ќе се фокусира употребените материјали во барот, дозволите за работа, безбедносните мерки, излезите за евакуација, капацитетот за гости и сл. Ќе постои можност да се испита дали постои кривична одговорност за поединци. Доколку навистина е така и овие лица се сè уште живи, против нив ќе биде отворена истрага за небрежно палење, убиство од небрежност и телесна повреда од небрежност“, изјави Беатрис Пилу, државен обвинител на кантонот Вале.
Стотици млади сведочат за ноќта на ужасот. Швајцарија прогласи петдневна жалост. Шеснаесетгодишниот Артур Бродар отишол во барот со пријателите за да ја прослави новата година. Речиси 48 часа по катастрофалниот пожар, неговата мајка сè уште се надева дека тој можеби е едно од шесте повредени лица кои останаа неидентификувани по една од најлошите трагедии во Швајцарија.
