Мадуро тргнат од власт, ќе му се суди во САД
Оружјето зборува и во Новата година. Експлозии во Каракас откако Трамп нареди воздушни напади врз воени објекти и инфраструктура во Венецуела. Мадуро и сопругата заробени за време на операцијата…

Венецуелскиот претседател Мадуро е тргнат од власт-објави американскиот претседател Трамп, откако САД извршија серија воздушни напади врз Венецуела, вклучувајќи го и нејзиниот главен град Каракас. Шефот на Белата куќа објави дека за време на акцијата, претседателот Мадуро и неговата сопруга биле заробени.
„Соединетите Американски Држави успешно извршија голем напад врз Венецуела и нејзиниот лидер, претседателот Николас Мадуро, кој, заедно со неговата сопруга, беше заробен и протеран од земјата. Оваа операција беше спроведена во соработка со американските органи за спроведување на законот“, соопшти американскиот претседател Трамп.
НЕ СЕ ОЧЕКУВААТ НАТАМОШНИ ДЕЈСТВИЈА ПРОТИВ ВЕНЕЦУЕЛА
Државниот секретар Рубио додава дека Мадуро ќе биде суден за кривични обвиненија во САД и не очекува натамошни дејствија против Венецуела. Иако во тотален колапс, венецуелската влада преку потпретседателката Родригез ги демантираше овие тврдења и побара „доказ за живот“ за претседателот.
„Вистински сме огорчени со оглед на оваа брутална ситуација и овој брутален напад, не знаеме каде се претседателот Мадуро и првата дама. Бараме владата на претседателот Трамп веднаш да обезбеди доказ за нивните животи“, вели Делси Родригез, потпретседателка на Венецуела.
Додека Белата куќа инсистира на операција против нарко-тероризмот, официјален Каракас го обвини Вашингтон за класична империјалистичка инвазија со цел грабеж на нафтените ресурси. Министерот за одбрана ја повика војската на последен отпор и упати протест до меѓународната заедница.
„Соочени со овој подмолен и кукавички напад што ги загрозува мирот и стабилноста на регионот, го креваме најсилниот можен протест пред меѓународната заедница, повикувајќи на осуда на владата на САД за нејзиното флагрантно кршење на Повелбата на ООН. Оваа инвазија го претставува најголемиот гнев што го претрпела земјата. Тие нè нападнаа, но нема да нè покорат“, изјави Владимир Падрино Лопез, министер за одбрана на Венецуела.
ОПОЗИЦИЈАТА ТВРДИ ДЕКА ИМА ДОГОВОР МЕЃУ ТРАМП И МАДУРО
Додека венецуелската опозиција тврди дека ова било договор меѓу Трамп и Мадуро. Русија и Кина го осудија нападот оценувајќи го како длабоко загрижувачки и повикаа на итно свикување на Советот за безбедност.
„Крајно сме вознемирени од извештаите дека венецуелскиот претседател Николас Мадуро и неговата сопруга биле насилно отстранети од земјата како резултат на денешните агресивни дејствија од страна на Соединетите Американски Држави. Апелираме за итно разјаснување на оваа ситуација. Ваквите дејствија, доколку навистина се случиле, претставуваат неприфатливо кршење на суверенитетот на независна држава, чие почитување е клучен принцип на меѓународното право“, велат од руското МНР.
Европската унија повика на воздржаност и почитување на меѓународното право. Вашингтон тврди дека Мадуро намерно ја дестабилизирал Америка преку миграцијата и криминалот, оценувајќи ја воената интервенција како неопходна за заштита на националната безбедност. Нападот следува само ден откако Мадуро понуди дијалог за нафтата и миграцијата.
Бојана Крстевски
