Мадуро зад решетки, поделени реакции низ светот
Мадуро зад решетки во Бруклин, го чека судење. Се товари за трговија со дрога и оружје. Трамп најави привремено управување со Венецуела и преземање на нафтените капацитети. Врховниот суд во Каракас експресно ја именуваше потпретседателката Делси Родригез за привремена претседателка. Реакциите од светот, остри и поделени. Советот за безбедност на ОН утре на итна седница, а тензиите растат на границите со Колумбија и Бразил…
Венецуелскиот претседател Николас Мадуро кој беше заробен заедно со неговата сопруга во американската воена операција во Венецуела, е веќе зад решетки во притворскиот центар во Бруклин-потврди шефот на Белата куќа. Ќе му се суди по обвиненија поврзани со дрога и оружје, додека Вашингтон привремено ќе управува со земјата додека не обезбедат праведна транзиција на власта. Трамп најави итно активирање на нафтените капацитети под американска контрола.
„САД успешно го заробија Николас Мадуро, кој веќе е во Њујорк каде ќе се соочи со целата сила на правдата. Ќе управуваме со Венецуела сè додека не се спроведе безбедна, правилна и разумна транзиција. Ќе ја активираме нафтата веднаш, бидејќи доминантноста на Америка во оваа хемисфера никогаш повеќе нема да биде доведена во прашање“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Условите за иднината на Венецуела ќе ги диктира САД – додава секретарот за одбрана Хегсет.
„Ова не беше само воена операција, ова беше акција на спроведување на законот. Ќе ги поставиме условите за она што ќе се случува понатаму во Венецуела. Трамп ја покажа американската доминација и тој ќе диктира каде одиме следно“, рече Пит Хегсет, секретар за одбрана на САД.
Додека Вашингтон ја правда операцијата како спас за Американците од нарко-картелите, Врховниот суд во Каракас експресно ја именуваше потпретседателката Делси Родригез за привремена претседателка, која нападот го нарече „варварско киднапирање“ и побара итна меѓународна заштита, нагласувајќи дека ќе ги брани националните ресурси.
„Ова е брутална воена агресија и илегално киднапирање на легитимен претседател. САД ја прекршија секоја норма на меѓународното право заради нашата нафта и минерали. Повикуваме на итна мобилизација на сите патриотски сили за одбрана на суверенитетот. Нема да дозволиме ова варварство да помине неказнето“, изјави Делси Родригез, в.д. претседател на Венецуела.
Реакциите од светот, остри и поделени – додека Лондон порача дека „нема да лее солзи“ за падот на Мадуро, Русија, Кина и Бразил најостро ја осудија инвазијата како „опасен преседан“ кој ја гази Повелбата на ОН.
„Велика Британија долго време ја поддржува транзицијата на власта во Венецуела. Ние го сметаме Мадуро за нелегитимен претседател и нема да пролеваме солзи за крајот на неговиот режим. Бараме безбедна и мирна транзиција кон легитимна влада што ја одразува волјата на венецуелскиот народ“, пишува во реакцијата од Велика Британија.
„Потегот на САД е јасно кршење на меѓународното право и принципите на Повелбата на ОН. Кина ги повикува САД веднаш да го ослободат претседателот Мадуро и неговата сопруга, да престанат со соборувањето на владата на Венецуела и да ги решат проблемите преку дијалог и преговори“, соопшти Тиан Лианг, водител на државната кинеска телевизија.
Советот за безбедност утре на итна седница, додека на границите со Колумбија и Бразил расте неизвесноста за следните чекори на Вашингтон. Властите во Богота веќе испратија војници и тенкови на границата.
Бојана Крстевски
