Швајцарија

Привршува идентификацијата на жртвите, кривична истрага против сопствениците на барот во Кран Монтана

04.01.2026 17:34

Швајцарските власти го прогласија петок, 9 јануари за ден на национална жалост. Во 14 часот кога ќе започне погребната церемонија за жртвите од трагедијата во Кран Монтана. Идентификацијата се очекува наскоро да биде готова. Отворена кривична истрага против сопствениците на барот…

Швајцарските власти го прогласија петок, 9 јануари, ден на национална жалост. Црковните ѕвона ќе одекнат во 14 часот кога ќе започне погребната церемонија за жртвите од трагедијата во Кран Монтана. Од досега идентификуваните, најмладото е девојче од Швајцарија на возраст од 14 години. Во идентификуваните лица, како што велат од полицијата, има од Швајцарија, Италија, Романија, Турција и Франција.

„Другиот безбедносен приоритет се однесува на идентификацијата на жртвите. Како што дознавте, четири семејства се информирани по идентификацијата на нивните роднини. Во наредните часови и денови, благодарение на одличната соработка со другите швајцарски кантони, конфедерацијата и напорите на специјалистите од Вале кои вршат огромна работа, успеавме да постигнеме напредок и ќе можеме да комуницираме и со други семејства, други случаи, во наредните часови. Овој период на чекање за семејствата на жртвите е неподнослив и за нас е врвен приоритет да продолжиме напред за да им ги обезбедиме легитимните одговори што ги чекаат“, изјави Стефан Ганцер, раководител на одделот за безбедност во Вале.

Истрагата за трагедијата продолжува со фокус на квалитетот на акустичната пена во барот за која се сомнева дека предизвикала смртоносно разгорување. Обвинителите отворија кривична истрага против сопствениците на барот.

„Значи, потврдив дека вчера, на крајот од денот, е поведена кривична истрага против двајцата менаџери. Оваа кривична истрага ќе овозможи, во соработка со сите засегнати страни, да се истакнат и истражат сите можности. Како што постојано наведував, ниту еден начин не е занемарен. Сите можности се истражуваат и со отворањето на оваа истрага, ќе ни овозможи да продолжиме во согласност со законот за кривична постапка“, изјави Беатрис Пилу, државен обвинител на кантонот Вале.

Миса за помен на жртвите во трагедијата во Швајцарија.

„Соочени со новогодишната трагедија, нема доволно силни зборови за да се изрази страдањето на жртвите, нивните семејства и нивните најблиски. Нема доволно силни зборови за да се изрази разочарувањето, болката и гневот на оние кои се погодени во нивните животи денес. И сепак, ние сме тука, собрани затоа што само тишината не е доволна“, рече Жил Кавин, претседател на швајцарскиот синод.

Федералниот совет е свесен дека прашањето за одговорноста е од најголемо значење, вели швајцарскиот министер за правда Беат Јанс.

„Неверојатно емотивно е да се види местото и да се сфати колку силна мора да била моќта на овие пламени, дури и на горниот кат каде што можев да влезам. Можете да го почувствувате мирисот. Можете да ја видите штетата што ја предизвикаа овие пламени. Мора да биле неверојатно интензивни. 500, 600 степени дури и на горниот кат. Тоа беше огромна трагедија. На сите ни е многу жал што ова мораше да се случи“, нагласи министерот за правда, Јанс.

Во несреќата загинале најмалку 40 лица, додека 119 лица се здобиле со повреди со различна тежина, од кои многумина биле тинејџери и луѓе во раните дваесетти години.

Игор Панов