Меѓународен ден на Брајовата азбука
Илјадници луѓе со оштетен вид во земјава не ја знаат Брајовата азбука, се доведува во прашање правото на еднакво образование, предупредува Коалицијата „Менуваме“. Надлежните велат на овие лица им се достапни дигитални алатки и најсовремени методи за учење …

Илјадници луѓе со оштетен вид во земјава не ја знаат Брајовата азбука, а тоа го доведува во прашање нивното образование – предупредува Коалицијата „Менуваме“. Се изучува само во училиштето „Димитар Влахов“, кое сега функционира како ресурсен центар. Дополнителен проблем е тоа што Брајовата азбука не е стандардизирана на македонски јазик и не е прифатена од Институтот за специјална едукација и рехабилитација, идните едукатори немаат познавање од брајовото писмо.
„Ние имаме нестандардизирано писмо, во кое има нешто од Србија, Албанија, Бугарија. Затоа децата остануваат неписмени. На нас ни треба да имаме специјални трифлопедагози кои ќе можат да работат со овој тип на деца. А ако зборуваме за процесот на инклузија, замислете како во редовното образование како овие лица ќе бидат описменети, ќе седат во клупа и ќе им пуштаат лекции да слушаат или едноставно ќе бидат отфрлени“, вели Суарет Алишан – Коалиција „Менуваме“.
Надлежните велат дека децата со оштетен вид учат преку дигитални алатки и современ начин и методи.
„Пред неколку години работеле на старите браеви машини, денеска имаат дигитални системи каде што овие деца буквално се дигитализирани и учат на најсовремени начини и методи. Со издвојување на средства за поддршка и интеграција и додатоците коишто ги даваме за лицата со посебни потреби односно за слепило, мобилност и итн. Верувам дека за брзо време со ревидирање на системот за социјална заштита ќе добијат и повеќе права и повеќе активности ќе можат да реализираат“, изјави Ѓоко Велковски, заменик – министер за труд и социјална политика.
Брајовата азбука е отсутна и во државните институции, што според Коалицијата „Менуваме“ е спротивно на конвенцијата на Обединетите нации и Уставот на Македонија.
Без Брајова азбука, правото на образование во Македонија останува недостапно за илјадници луѓе. Постои на хартија, но не и во пракса, а тоа е системски проблем на државата.
Андријана Ѓурческа
