ВЕНЕЦУЕЛА

САД почнуваат постапка, Мадуро пред суд во Њујорк

05.01.2026 08:07

Венецуелскиот претседател седнува на обвинителна клупа во Њујорк. Мадуро се товари за трговија со дрога и оружје. Трамп најави привремено управување со Венецуела и преземање на нафтените капацитети. Врховниот суд во Каракас експресно ја именуваше потпретседателката Родригез за привремена претседателка. Итна седница на Советот за безбедност на Обединетите нации…

САД почнува клучна правна битка против соборениот венецуелски лидер Николас Мадуро, кој денеска првпат ќе се појави во Федералниот суд во Менхетен, соочен со 15 обвиненија за нарко-тероризам, корупција и трговија со оружје. Неговата одбрана го оспорува апсењето, додека Вашингтон испрати остри закани до новите власти во Каракас за можни воени интервенции при пружање отпор.

„Со Делси Родригез ќе биде едноставно: или ќе соработува за доброто на својот народ и за пристап до нафтата, или ќе плати поголема цена и од самиот Мадуро. Ако не се однесуваат како што треба, подготвени сме за ’втор удар‘. Ние сме главни таму“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Ублажувајќи ги изјавите на Трамп дека САД привремено ќе управуваат со Венецуела, државниот секретар Рубио порача дека Вашингтон нема да има секојдневна улога во земјата, освен спроведување на постоечкиот „нафтен карантин“.

„Она на што сме фокусирани во моментов се сите проблеми што ги имавме кога Мадуро беше таму. Ќе им дадеме можност на луѓето да се справат со тие предизвици. И сè додека не ги решат, ќе продолжат да се соочуваат со овој нафтен карантин и притисок од САД“, изјави Марко Рубио, државен секретар на САД.

Иако привремената венецуелска претседателка Родригез првично упати дефанзивни пораки, подоцна од палатата Мирафлорес повика на соработка и дијалог. Сепак, министерот за одбрана предупреди дека постапките на САД може да ѝ се случат на која било земја.

„Светот треба да биде на штрек бидејќи ова претставува сериозна закана за глобалниот поредок. Ако денес беше против Венецуела, утре може да биде против која било земја. Бараме итно ослободување на претседателот Мадуро и првата дама кои беа киднапирани. Високото воено командување на Републиката денес е обединето заедно стоејќи наспроти империјалната агресија што се случи“, изјави Владимир Падрино Лопез, министер за одбрана на Венецуела.

Во меѓувреме, опозицискиот лидер Едмундо Гонзалес повика на ослободување на сите политички затвореници и на почитување на волјата на народот, барајќи признавање на изборниот резултат од јули 2024 година, на кој беше избран за претседател.

„Како претседател на Венецуелците, упатувам смирен и јасен повик до Националните вооружени сили и органите за државна безбедност. Нивна должност е да го исполнат и спроведат суверениот мандат изразен на 28-ми јули 2024 година како врховен командант. Ги потсетувам дека нивната лојалност е кон Уставот, кон народот и кон Републиката“, изјави Едмундо Гонзалес, опозициски лидер во Венецуела.

Додека продолжуваат меѓународните реакции, Советот за безбедност на ОН на итна седница, на барање на Русија и Кина поради, како што наведуваат, кршење на меѓународното право од САД. Генералниот секретар Гутереш веќе предупреди на опасен преседан, а ЕУ повика на смиреност и мирно решение, повторувајќи дека Мадуро нема демократски легитимитет и дека транзицијата во Венецуела мора да биде мирна и суверена. Во меѓувреме, Трамп ги прошири заканите кон Колумбија и Куба, најавувајќи дека Венецуела е само првиот чекор во преуредувањето на јужната хемисфера, а Богота веќе распоредува војска на границата.

 

Бојана Крстевски