Вевчани ја реализира идејата за создавање Академија на убави уметности
Познати писатели, уметници и универзитетски професори ќе ја реафирмираат слободната и креативна мисла на ова историско место со богата традиција и низ сопствените трудови ќе придонесат во натамошниот културен развој на овој дел од државата...

На изворот на убавината, креативноста и слободната мисла, во преубавото Вевчани е формирана Академија на убавите уметности која ќе го афирмира целиот југозападен регион со сета своја посебност, историја, карактеристика, традиција, препознатливост. Членови на Академијата се наши познати професори, писатели и уметници од разни области кои беа избрани на конститутивното собрание што го иницира градоначалникот на Вевчани, Цветомир Угриновски.
„Нашата Акдемија тесно и долгорочно ќе соработува со сите постојни институции во РМ, а кои се во доменот на интересирањата на темите и уметничките дострели да ги поттикнува младите кадри да ја развиваат и унапредуваат нашата научна мисла, убавата уметност, литературата, историјата, културата, филмот и другите неспомнати компоненти од нашиот живот, истакна Угриноски.
Според еминентните членови, Академијата треба да придонесе во развојот на општеството во сите сегменти, посебно на туризмот, културното обележје, уметностите и збогатување на културното ниво на настаните. Ова единствено тело ќе има уште една важна задача.
„Да придонесе во валоризацијата на креативните личности од регионот и пошироко, да поттикнува нови особено млади твроци во сите сегменти на убавите уметности и со своите креативни дела да допринесе во продолжувањето на митот за Вевчани“, рече Стефановски – Жан.
Академијата ќе има седум одделенија, меѓу кои за традиција, култура, за историја и литература, за информатика, технологија и медицина,за општествени науки и човекови права, за забава и спорт. Нејзините членови изразија надеж сека секој на свој начин ќе придонесува во афирмацијата ма сопствената дејност.
„Пред 30-тина години Вевчани стана познато во светот по својата храброст, одважност и отстапка кога ги собра поетите од Струшките вечери да се борат во името на слободата на личноста. Тоа заслужува и голем ангажман и мислам дека оваа Академија ќе прерасне во меѓународно собиралиште на писатели“, подвлече Цветкоски.
Вевчани е најсоодветно место за создавање ваква Академија. Вековната традиција во неимарството, непокорот, креативноста и слободарскиот дух кои беа најважни за опстанокот на оваа единствена населба ,ги афирмираат човековите права по што Вевчани се спомнува како пример назаедница, нешто што не може да се укине со закон.
Јованчо Наумоски
