Партијата на пензионери го поздрави донесувањето на Законот за работно ангажирање на пензионерите
Сепак, тие имаат забелешки на одредени ограничувања во Законот. Според нив, нема потреба од временски рестрикции, бидејќи правото на работа е уставно загарантирано и не треба да влијае врз пензијата...

Партијата на пензионери го поздрави донесувањето и почетокот на примената на Законот за работно ангажирање на пензионерите од 1 јануари, оценувајќи го како значаен и, како што велат, револуционерен чекор.
Од партијата потсетуваат дека преку пратеникот Илија Николовски двапати предложиле слично законско решение во претходниот парламентарен состав, кое тогаш не било прифатено.
Сепак, тие имаат забелешки на одредени ограничувања во Законот. Според нив, нема потреба од временски рестрикции, бидејќи правото на работа е уставно загарантирано и не треба да влијае врз пензијата. Бараат законот да важи за сите дејности и даватели на услуги, освен за државната администрација, како и укинување на ограничувањето од 15 работни дена месечно.
Партијата на пензионери ја охрабрува Владата и Собранието што поскоро да донесат измени и дополнувања на Законот, со цел намалување на сивата економија и зголемување на приливите во пензискиот фонд, при што предлагаат да се применат позитивните искуства од регионот и Европската Унија.
