Традиција

Бадниковите поворки утре во 80 градови и населени места, централна манифестација во Скопје

05.01.2026 16:07

Годинава, поворките ќе се одржат во рекордни 80 градови и населени места низ Македонија, како и во македонската дијаспора во Словенија, Италија, Австрија, Франција и САД.

Здружението „Бадникови поворки“ информира дека утре, на 6 јануари 2026 година, ќе се одржат традиционалните Бадникови поворки – најголемата народно-културна и духовна манифестација посветена на најавата на Христовото Рождество – Божик.

Годинава, поворките ќе се одржат во рекордни 80 градови и населени места низ Македонија, како и во македонската дијаспора во Словенија, Италија, Австрија, Франција и САД.

Централната Бадникова поворка во Скопје ќе започне во 12 часот пред Музејот на Град Скопје, од каде учесниците, пеејќи ја песната „Вечниот Бог“, ќе се движат по улицата „Македонија“ до плоштадот „Македонија“. Претходно, од 11:30 часот, на децата ќе им бидат поделени божикни ѕвездички и симболични подароци.

На плоштадот ќе биде изведена музичко-сценската „Божикна авантура“ со учество на повеќе од 40 музичари, актери и пејачи, како кулминација на манифестацијата.

Од здружението ги повикуваат сите граѓани, особено семејствата и децата, да се приклучат на поворките, без потреба од претходна пријава. Манифестацијата се одржува со поддршка на Министерството за култура и Град Скопје.