Политика

Скопје и Софија во клинч за Акцискиот план

05.01.2026 17:03

Скопје бара од Софија европско однесување и признавање на македонскиот јазик. Софија бара од Скопје почитување на европскиот консенсуз од 2022 година. Во соопштението наместо македонскиот јазик вели – достапен јазик за граѓаните…

Загрижува што, наместо да биде поздравен како конструктивен чекор напред, документот е предмет на апстрактни и неосновани коментари од страна на Бугарија – македонското МНР одговори на прозивките од Софија за предлог – Акцискиот план за малцинствата.

Оттаму велат, реакциите на Бугарија не придонесуваат за градење доверба меѓу двете држави. Од нашето МНР објаснуваат дека планот е изготвен и на македонски и на англиски јазик, со јасно дефинирани мерки, рокови и надлежни институции и целосно усогласен со највисоките европски стандарди.

„Загрижува фактот што, наместо да биде поздравен како конструктивен чекор напред, документот е предмет на апстрактни и неосновани коментари од страна на Бугарија, што не придонесува за градење доверба и добра верба меѓу двете држави. Наместо неаргументирани коментари, од нашиот сосед очекуваме европско однесување, меѓу другото и по однос на целосната почит и признавање на македонскиот јазик“, стои во соопштението од МНР.

Според МНР на Бугарија, не е точно дека на Бугарија и пречи македонски јазик, иако, во реакција наместо македонски јазик, фигурира „достапен“ јазик.

„Прашањето на кој јазик треба да биде планот за правата на заедниците што се очекува од Северна Македонија е внатрешно прашање на соседната земја и не е тема на билатералните односи. Документот ќе го спроведуваат нејзините институции кон сопствените граѓани и логично е да биде на јазик што им е достапен“, стои во соопштението од МНР на Р. Бугарија.

Претходно премиерот Христијан Мицкоски изјави дека не може да се откаже од македонскиот јазик, а дека го предупредиле Брисел, оти не е само барањето Бугарите да влезат во Уставот, туку проблемот е подлабок.

 

Миле А. Ристески