Планина од отпад во планските региони
Бројките за отпадот растат, но зад нив стои приказна што ретко ја гледаме до крај. Во 2024 година, во земјава се собрани над 637 илјади тони комунален отпад – доволно за да се наполни цел фудбалски стадион со ѓубре, до врвот на трибините. Од каде доаѓа најголемиот дел од отпадот, зошто речиси сè завршува на депонија и каде навистина почнува решението…

Стара амбалажа, остатоци од ручекот, мали работи – што кога ќе се соберат, прават планина.
Во 2024 година, во земјава се собрани 637 илјади тони комунален отпад, тоа е околу 25 илјади тони повеќе од претходната, доволно за да се наполнат над 10 илјади големи камиони за ѓубре, еден до друг.
Овој раст не значи дека фрламе повеќе, туку дека повеќе населени места се вклучени во организираното собирање. Отпадот што порано завршувал покрај патишта и реки, сега влегува во системот.
НАЈГОЛЕМ ТОВАР НОСИ СКОПСКИОТ РЕГИОН
Најголем товар и натаму носи скопскиот регион, таму се собрани 180 илјади тони, што е речиси третина од целата држава или сликовито: отпад колку да се наполни цел фудбалски стадион со ѓубре, до врвот на трибините.
Но, најважната бројка е оваа: најголемиот дел доаѓа од домовите, од кујните, балконите и кантите пред зградите, 84 проценти го создаваат домаќинствата – тоа се над половина милион тони, што е како 200 олимписки базени полни со отпад.
Кога ќе погледнеме што точно фрламе, одговорот е едноставен: сè на куп, речиси целиот е измешан комунален отпад – 546 илјади тони или 85 проценти од вкупното количество. Тоа е планина отпад висока колку десетици станбени згради една врз друга.
ФРЛАМЕ СÈ НА КУП
Селекцијата е далеку зад тоа, органски има 33 илјади тони, пластика помалку од 17 илјади, хартија околу 12 илјади, а метал – само 2 и пол илјади тони, што е како отпад од неколку поголеми индустриски хали.
Но приказната не завршува тука. Затоа што речиси сè што ќе се собере – завршува на депонија. 99,8 проценти од десет камиони со отпад – само еден не оди директно на депонија. Ѓубрето го тргаме од пред врата, но проблемот не исчезнува – само се префрла подалеку од нашите очи.
И бројките, кога ќе се „преведат“, кажуваат едно: системот расте, но вистинската промена почнува таму каде што почнува и отпадот – во нашите домови.
Катерина Топалова
