Град Скопје

Казни и глоби за загадувачите во главниот град

05.01.2026 18:09

Глоби во висина до 53.000 евра се изречени за загадувачи на воздухот во Скопје. Вонредна седница на Советот на главниот град посветена на борбата против аерозагадувањето…

Казни и глоби за загадувачите на амбиенталниот воздух. Скопскиот градоначалник посочи дека од преземање на функцијата, преземени се засилени контроли на индустриските капацитети. Од 6 ноември до 1 јануари, издадени се 90 прекршочни платни налози и глоби, 33 решенија за задолжување, 35 вонредни надзори и 290 опомени – информираше градоначалникот Ѓорѓиевски на вонредната седница на Советот.

„Инспекторите за животна средина извршија над 45 вонредни надзори на правни субјекти во кругот на поранешни фабрики ОХИС и Стаклара, како и на територијата на општина Сарај. Изречени се глоби во висина од 1.000 до 53.000 евра“, изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

Тој појасни дека правни субјекти се казнети со по 3.000 евра, а десетици физички лица кои неправилно одлагале отпад на јавни и приватни површини добиле казни од 250 до 500 евра за палење и неправилно одлагање на отпадот.

Дополнително, инспекцијата за патен сообраќај и патишта извршила контроли на девет градилишта, од кои седум биле задолжени со решенија за привремен режим на сообраќај, а две имале позитивни записници.

Советниците од опозицијата изразија сомневање за ефикасноста на спроведените мерки. Апелираа седницата да не прерасне во политичка арена.

Градоначалникот Ѓоргиевски посочи дека во буџетот за 2026 година, предвидени се 64 милиони денари за делот за животна средина. Предвидени се субвенции за инвертер-клима уреди, чистење на оџаци, субвенции за велосипеди. Дополнително, се обезбедени 220 милиони денари за одржување на јавно зеленило и парковите.

Марина Стојанова-Тонева