Македонија

Двегодишното дете починало од залутан куршум, се бара сторителот

05.01.2026 18:46

Залутан куршум и официјално е причина за смртта за двегодишното дете на Нова година – потврди министерот за внатрешни работи Тошковски. Истрагата продолжува – чиј е и од каде е истрелан. Се размислува за заострување на казнената политика за нелегалната трговија и употребата на пиротехнички средства. На новогодишната ноќ, седум лица, од кои пет деца и двајца мажи во 50-ти години, добиле повреди на рацете од истрелани петарди. На дел од нив, поради сериозноста на повредите, им биле ампутирани прстите…

Залутан куршум е причината за смртта на двегодишното дете кое беше повредено на новогодишната ноќ и почина по 24-часовна борба за живот. Истрагата продолжува, се бара сторителот. Во вакви случаи тешко се открива – признава министерот за внатрешни работи Тошковски. Дополнително ќе се испитува дали имало полициска бруталност, како што тврдеше семејството. Тошковски вели – полицијата интервенирала во градската болница по повик на болничкиот персонал, каде затекнале агресивно однесување на поголема група.

„Она што досега е официјално е дека станува збор за куршум, потврден од надлежните органи. Не станува збор за куршум директно насочен кон детето, туку залутан куршум. Преземаме сè за да утврдиме конкретен сторител, но во ваква ситуација ова се доста тешки случаи за детектирање и откривање сторител“, изјави министерот за внатрешни, Панче Тошковски.

За новогодишната ноќ седум лица побарале лекарска помош поради повреда со петарди, петмина се малолетници. Некои ќе останат со трајни последици на рацете, извршена им е ампутација на дел од прстите.

„На Клиниката за пластична хирургија за новогодишната ноќ беа примени двајца возрасни пациенти кај кои повредата била индиректна каде биле земени пиротехничките средства од малолетни лица“, изјави д-р Јамина Ѓоргиевска Павловска – директорка на Клиниката за пластична хирургија.

„Фактот дека меѓу повредените има и деца, а кај дел од нив била потребна и ампутација, доволно зборува за тежината на последиците врз здравјето на граѓаните. Упатуваме посебен апел до родителите, да не дозволуваат пиротехниката во рацете на нивните деца да биде дел од играчката и празниците да ги завршат со насмевки, а не со хируршки сали“, изјави министерот за здравство, Азир Алиу.

МВР најавува заострување на казните за нелегална трговија и употреба на пиротехнички средства. Минатата година биле запленети 252 илјади парчиња, а само во последната акција 25 тони, инволвиран бил и полициски службеник од Велес.

Мала експлозија може да доведе до траен инвалидитет – хирурзите секоја година укажуваат на сериозните последици од петардите. Изгореници, ампутации, оштетување на слухот и видот – се само дел од неправилното користење на пиротехничките средства.

Андријана Ѓурческа