Мадуро пред Федералниот суд во Менхетн
Од фотелја на обвинителна клупа – Николас Мадуро пред федералниот суд во Менхетн. Му се суди по 15 точки за шверц на дрога и оружје. Додека Вашингтон испраќа остри пораки и закани до новите власти во Каракас, од Венецуела стигнуваат повици за дијалог, но и предупредувања за опасен преседан. Кризата ја подели и меѓународната заедница. Случајот се расправа на итна седница во Советот за безбедност на ООН. Заканите од САД проширени кон Колумбија и Куба. Богота распоредува војска на границата …

Венецуелскиот лидер Николас Мадуро и неговата сопруга на обвинителна клупа во федералниот суд во Менхетн. САД ја почнуваат правната битка против соборениот претседател кој се соочува со 15 обвиненија за наркотероризам, корупција и трговија со оружје. Вашингтон испрати остри закани до новите власти во Каракас за можни воени интервенции при давање отпор. Иако привремената венецуелска претседателка Родригез првично упати дефанзивни пораки, сепак подоцна повика на соработка и дијалог со САД.
„Со Делси Родригез ќе биде едноставно: или ќе соработува за доброто на својот народ и за пристап до нафтата, или ќе плати поголема цена и од самиот Мадуро. Ако не се однесуваат како што треба, подготвени сме за ’втор удар‘. Ние сме главни таму“, изјави американскиот претседател Доналд Трамп.
Трамп ги прошири заканите и кон Колумбија и Куба, најавувајќи дека Венецуела е само првиот чекор во преуредувањето на јужната хемисфера. Богота веќе распоредува војска на границата. Министерот за одбрана во Венецуела предупреди дека постапките на САД може да ѝ се случат на која било земја.
„Светот треба да биде на штрек бидејќи ова претставува сериозна закана за глобалниот поредок. Ако денес беше против Венецуела, утре може да биде против која било земја. Бараме итно ослободување на претседателот Мадуро и првата дама кои беа киднапирани“, изјави Владимир Падрино Лопез, министер за одбрана на Венецуела.
Додека продолжуваат меѓународните реакции, од Брисел и Лондон повикуваат на демократска транзиција.
„Вреди да се потсетиме дека Николас Мадуро немаше легитимитет на демократски избран лидер. Настаните од викендот нудат можности за транзиција која ќе ја води венецуелскиот народ“, изјави Паола Пињо, портпаролка на Европската комисија.
„Најважното нешто во Венецуела е транзицијата кон демократија, мирна транзиција. Меѓународното право е навистина важно. Тоа е рамката и на САД е да ги изнесат своите оправдувања за дејствијата што ги презедоа. Но, тоа е комплицирана ситуација“, вели Кир Стармер, премиер на Велика Британија.
Советот за безбедност на ОН на итна седница, на барање на Русија и Кина поради, како што наведуваат, кршење на меѓународното право од САД.
Маријана Димовска
