Првата автоматизирана катна гаража во Македонија пуштена во употреба

08.09.2014 16:59

Покрај паркинг простор во катната гаража има простор за кафе ресторан и видиковец на површина од 1.283 метри квадратни. Катната гаража чини 5,5 милиони евра...

Пуштена е во употреба првата автоматизирана катна гаража, „Солунски конгрес“  во централното градско подрачје. Ова е деветта катна гаража која треба да го олесни паркирањето, но и подобрувањето на мобилноста во центарот на градот.

Скопје се зголемува, но се зголемува и бројот на туристи, вели премиерот Груевски. Ова е причината поради која е потребно да се обезбеди поголем број на паркинг места со што ќе се решат сообраќајните инфраструктурни проблеми. Заокружувањето на вековниот сон на денешен ден е и обврска за свои дела од кое полза ќе имаат и идните поколенија.

„Можноста да бидеме свои на своето претставува обврска на нашата генерација преку напорна работа да создава нови дела со кои ќе излегува во пресрет на потребите на граѓаните и од кои полза ќе имаат и идните поколенија. Во оваа насока е и пуштањето во употреба на катната гаража Солунски конгрес. Со нејзината изградба успеавме на граѓаните да им обезбедиме поголем паркинг простор, а со тоа и зголемување на мобилноста и безбедноста во градскиот сообраќај“, изјави премиерот Никола Груевски.

Покрај паркинг простор во катната гаража има простор за кафе ресторан и видиковец на површина од 1.283 метри квадратни. Катната гаража чини 5,5 милиони евра. Уште три катни гаражи се во градба, а седум ќе се градат во наредниот период, со што целиот процес ќе се заврши за околу две години.

„Објектот е снабден со висока технологија за паркирање, со влезно излезен терминал, терминал за предавање на возила информативен систем за преземање на возилото како и идентификација за слободен лифт“, рече Цветко Грозданов, директор на АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор.

Првата еколошка катна гаража која е со врвна технологија е спој на идеи и иновации  и е една од ретките на Балканот.

Катната  гаража „Солунски конгрес“ е со површина од 8.000 квадратни метри и има слободни 280 паркинг места.

Дијана Ценевска

Снимател: Дејан  Божиновски