Бадник

Коледарите го навестија Христовото раѓање

06.01.2026 09:27

Коледарчињата, посетувајќи ги домовите на христијанските верници кои се раководат по јулијанскиот календар, од изутринава го навестуваат големиот христијански празник. Вечер во домовите се палат бадникови гранчиња, семејството се собира на посна трпеза, исчекувајќи ја радосната вест за раѓањето на Исус спасителот. Бадник е денот за духовна подготовка за пресветлиот христијански празник, Божиќ…

Дојдоа коледарчињата, затропаа на врата, ја испеаја коледарската песна. Добија костенчиња, оревчиња, овошје, паричка и благослов. Да се живи, здрави, да ја продолжат традицијата во навестувањето на Христовото раѓање-Божиќ.

Домаќинките ја подготвуваат бадниковата посна трпеза која е вовед за божиќното славење на Христовото раѓање. Адетите се задржуваат, а најбитно е семејството да се собере на заедничка маса.

Коледе, Бадник, па Божиќ. Кај и да си – на Бадник и Божиќ, дома да си. Изрека која е дел од потребата да се поддржат семејството, заедништвото, сплотеноста и добрата мисла.

Елизабета Митреска