Свет

Мадуро изведен пред суд, реакциите не стивнуваат

06.01.2026 09:53

Николас Мадуро се изјасни за невин на првото појавување пред американски суд каде што му се суди за 15 кривични дела меѓу кои наркотероризам и трговија со оружје. Во исто време, Делси Родригез положи заклетва на функцијата привремена претседателка на Венецуела. Советот за безбедност на Обединетите нации со осуда за акциите на САД. Демократите во Конгресот со поделени мислења за правецот во кој се движи надворешната политика на земјата …

Соборениот венецуелски лидер се изјасни за невин пред судот во Менхетен по обвиненијата за наркотероризам, корупција и трговија со оружје. Одбраната ја стави под прашање законитоста на начинот на кој поранешниот претседател беше приведен и префрлен во САД. Администрацијата на Трамп објави дека речиси 200 луѓе учествувале во нападот врз Каракас, што резултираше со заробување на Мадуро и неговата сопруга, Силија Флорес.

„Горд сум на нашата многу успешна воена операција, мислам дека треба да зборуваме повеќе за вештината, компетентноста и прецизноста на најголемата борбена сила што светот некогаш ја видел“, изјави Пит Хегсет, американски секретар за војна.

Случувањата во Јужна Америка предизвикаа остри реакции и поделби во меѓународната заедница. Во поголемите градови во светот избувнаа протести против политиките на САД. Лидерот на демократите во Сенатот предупреди дека акцијата на претседателот Трамп во Венецуела е само почеток на опасен пристап кон надворешната политика.

„Администрацијата им должи на Конгресот и на американскиот народ некои прилично основни одговори на многу важни прашања. Најважно од се, што по ѓаволите мисли Доналд Трамп кога вели дека Соединетите Држави сега имаат намера да ја водат Венецуела? Дали ова значи дека сега сме во бизнисот со градење на нацијата на Венецуела?“, вели сенаторот Чак Шумер, лидер на демократите во Сенатот.

Во Каракас, Делси Родригез, положи заклетва како привремена претседателка на Венецуела.

„Се колнам во мојата чест дека нема да им дадам одмор на моите раце, ниту пак на мојата душа се додека не ја видам Венецуела во судбината што и доликува, на историскиот пиедестал на честа што ја заслужува како слободна, суверена и независна нација“, изјави Делси Родригез, привремена претседателка на Венецуела.

Колумбија распореди војска на границата. Куба живее во неизвесност откако островот го загуби својот најблизок сојузник.

„Нема сомнение дека недостатокот на поддршка од Венецуела е опасност и закана за Куба. Од друга страна, постои реакција од други извори кои ќе излезат во поддршка на земјата. Јас би сметал на Кина пред сè, има потврдени информации дека кинески претставник е во Хавана, а исто така и на руската позиција“, рече Карлос Алзугарај, аналитичар и поранешен дипломат од Куба.

На итната седница на советот за безбедност на ООН свикана на барање на Русија и Кина, осуда за интервенцијата на САД и барање за ослободување на Мадуро. Акцијата оценета како удар врз стратешките интереси на Пекинг. Американскиот амбасадор дециден, Вашингтон не води војна против Венецуела или нејзиниот народ и не е окупаторска сила.

Маријана Димовска