Битка да се докаже дека данокот е платен
Бобан Младеновски од Куманово, е еден од 4.000-те граѓани кои работеле во воените жаришта, а кои денес треба да платат милионски суми данок во државата. Тој мора да докаже дека обврската ја намириле компаниите што го ангажирале. Неговата печалбарска приказна не била лесна, па завршил со две операции...

„Имаше гранатирање значи многу јако, некако се спасивме. Не си свесен што гледаш, само гледаш да спасиш жива глава. Имаме отидено од зорт, немам, од кај да обезбедам за три сина тука?“, раскажува за Македонската телевизија кумановецот Бобан Младеновски. Неговата печалбарска приказна во кризните подрачја, траела речиси една деценија. Пет години работел во Авганистан, а над четири во Ирак. Животот, вели, му бил загрозен неколкупати. Близу него постојано паѓале гранати. Но, еден ден засекогаш ќе го помни.
„Еден ден ме снајде што ме снајде од експлозиите, имам доживеано тешки трауми, стресови, кои не може да се опишат само можат да ги осетат. Тоа е тешко фамилијата, значи јас не се бев јавил 24 часа, можеби 30. На вести имаа слушнато дека во таа база кај што сум јас имало напади, има гранатирање. Бев во кома некои четири-пет часа, дојдов со придружба направив операција, после година- две направив тука уште една операција во Куманово“, истакна тој.
Во пандемскиот период Бобан останал во конфликтното подрачје дури 400 дена. Спечалените пари, вели, ги донел дома. Денес по пет години добил решение за наплата на данок во износ од 4.000 евра, само за 2020-та година. Овој кумановец тврди дека американската компанија го намирила данокот.
„Немам против данок ништо, значи да платам данок немам против ништо, а зошто кај е 21-ва година 22-ра, 23-та, 24-та сега 25-та, не ти даваат никој доказ значи зошто не ни дадоа потврди нели 183 дена имаш право на тие плус еден ден да не си во државата, скратени ни се правата“, нагласува тој.
Од Управата за јавни приходи сè уште не добил известување дали неговата жалба ќе биде прифатена. Тој како и околу 4.000 кумановци се надеваат дека ќе најдат решение со надлежните.
Елена Георгиевска
