Блиски исток

Нова година со малку надеж за жителите на Газа

06.01.2026 14:42

Нова година со малку надеж за Палестинците за подобро утре. Зимата донесе сурови услови за живот и само им ги продлабочи маките. Водата навлегува во шаторите, студот во коските. Газа живее во кревкото примирје меѓу Израел и Хамас …

Поплавени шатори и урнати згради, вака изгледа зимата во Појасот Газа. Студените зимски дождови во комбинација со ветрот и недостатокот на огревни материјали, претставуваат сериозни предизвици за Палестинците. Како последица на овие сурови услови, животот го загубија 6 деца, од кои 5 загинаа во поплави, а едно во уривање на зграда, претходно оштетена од израелските напади.

„Ситуацијата е тешка и ужасна. Водата влегува во нашите шатори. Мојот беше распартален од ветрот, па добивме нов, но и со него се случи истото. Ноќта беше екстремно студена. Сите прекривки и душеци се водени, па немаме ни со што да се загрееме“, вели Шади Ал Татар – раселено лице.

„Ме разбуди дождот кој врнеше врз мене. Почнавме да ја собираме водата во садови. Сите наши прекривки и душеци беа наводенети, а немам ни каде да ги исушам. Нашите животи се тешки и мизерни“, изјави Мерием Ал Мадхун – раселено лице.

Ваквите тешки временски и животни услови дополнително се влошени поради недостатокот на огревно дрво и гас.

„Би сакал да можам да запалам оган за да се затоплам, но, нема од каде да најдам огревно дрво, а немам ниту друго грејно тело ниту гас. Единствено имаме малку пластика и најлонски кеси, за да може да подготвиме нешто за јадење“, вели Самир Хаџи – раселено лице.

Појасот Газа во новата 2026-та година, влегува со кревкото примирје меѓу Израел и Хамас. Од почетокот на примирјето, според тврдењата на палестинските власти, убиени се 416 Палестинци, а ранети се оклу 1.200. Според истите извори, вкупниот смртен биланс од војната се проценува на околу 72.000 загинати лица.

Марија Котовска