Најавени четири нови странски инвестиции, две ќе ги прошируваат капацитетите
Се шири листата на странски инвеститори во земјава. Четири компании донесле одлуки да инвестираат во Македонија, а две кои се веќе присутни во зоните ќе градат нови погони и ќе го прошируваат производството...
Зоната Бунарџик 2 е дестинација на која германска компанија ќе гради фабрика за електрични уреди и ќе креира најмалку 500 работни места, во добар дел инженери и стручно образувани кадри. Се зголемува и бројот на американски инвестиции во земјава. Во интервјуто за „Република“ премиерот Никола Груевски најавува нов влез во автомобилскиот сектор.
„Глобална корпорација од САД од автомобилската индустрија, која има околу 3.000 вработени, донела одлука за инвестирање во ТИРЗ Скопје 1, и веќе резервирала парцели со површина од околу пет хектари. Вкупната инвестиција ќе изнесува 14,7 милиони евра.Тие планираат да отворат вкупно 417 нови работни места до крај на 2016 година“, вели Груевски во интервјуто
Зајакнува и прехранбениот сектор. Еден од поголемите турски дистрибутери за храна решил да инвестира и да гради производствени погони во Македонија. Бара локација и во септември ќе учествуваат на јавна аукција за парцела од 20 илјади квадрати. Се поатрактивен за американските компании е и аутсорсинг секторот во зсемјава.
Глобална компанија со обрт од милијарда долари најавува креирање до илјада работни места,а за почеток ќе отвори 300 за поддршка на клиенти од западна европа. Ќе бара лица со завршен факултет и познавање странски јазици и технолошки вештини. Постојните инвеститори се магнет за привлекување нови компании и се најдобра препорака за инвестирање во земјава, вели Груевски за „Република“.
„Менаџерот на една белгиска компанија, која е во деловни односи со компанија што веќе има фабрика во Македонија од автомобилскиот сектор планира закуп на производствена хала со површина од 1.500 квадратни метри и стотина вработувања“, најави Груевски.
Странците се заинтересирани да вложуваат и во туризмот и во прилепско мариовскиот регион. Американско европска компанија решила да инвестира и да отвори илјада работни позиции, но почетокот зависи од спроведувањето на некои европски регулативи, најавува премиерот Груевски во подолгото интервју за неделникот „Република“.
Свето Николовски
