Швајцарија

Во барот во Кран Монтана не биле извршени безбедносни инспекции од 2019 година

06.01.2026 16:03

Шокантен пропуст во случајот со швајцарскиот клуб на смртта. Инспекција пет години немала влезено во локалот што се запали на новогодишната ноќ и однесе 40 животи. Според законот, тоа требало да го прави еднаш годишно. Градоначалникот на Кран Монтана не планира да поднесе оставка …

Градските власти на Кран Монтана соопштија шокантна информација. Во швајцарскиот бар на смртта што пламна на новогодишната ноќ, при што загинаа 40 луѓе, а над 100 беа повредени, не биле извршени безбедносни инспекции од 2019 година, иако тоа требало да се прави еднаш годишно. Градоначалникот Николас Феро рече дека жали за трагедијата, но не планира да поднесе оставка и покрај јавните критики упатени кон него.

Тој рече дека од судот ќе зависи дали Градскиот совет ќе биде дел од кривична истрага за несреќата. Феро откри и дека тим од само пет инспектори покривал над 10.000 објекти, меѓу нив хотели, ресторани и клубови.

Властите затвориле уште еден бар, управуван од менаџерите на клубот, кои се осомничени за убиство од небрежност, телесни повреди од небрежност и палење.

Обвинителите изјавија дека пожарот што брзо се проширил во раните утрински часови на 1 јануари веројатно бил предизвикан од прскалки што го запалиле таванот на подрумот на барот. Донесена е одлука да се забранат прскалките во затворен простор.

Една од жртвите во трагедијата беше и македонски државјанин, 16-годишното момче Стивен Ивановски.

Игор Панов