Дождот не ги спречи децата да го најават големиот христијански празник Божиќ
Годинава во 80 градови во Македонија, како и во дијаспората, организирани Бадникови поворки. Илјадници дечиња, носејќи ја божиќната ѕвезда и пеејќи ја песната „Вечниот бог“ го најавија големиот христијански празник Божиќ …

По 16-ти пат во центарот на Скопје се одржаа Бадниковите поворки. На нив учествуваа над стотина дечиња кои во своите рачиња ја носеа божиќната ѕвезда, налик на онаа од Витлеем.
Дождот не ги премисли децата од сите возрасти и општини од главниот град да го исполнат центарот на метрополата со радост и песна. „Вечниот Бог“ одекнуваше од нивните грла додека се движеа низ улицата „Македонија“ и со тоа најавувајќи го најрадосниот ден Христовото раѓање – Божиќ. Некои од нив првпат учествуваат, среќни што се дел од манифестацијата која го најавува еден од најголемите христијански празници.
Децата дојдоа во придружба со нивните родители кои велат дека нема да пропуштат секоја година да ги донесат нивните најмлади на собир преку кој се учат христијанските традиции и вредности.
80 општини низ целата држава беа дел годинашната поворка која обедини над 3.000 дечиња. Традицијата продолжи и во дијаспората. Пораката на поворката, велат организаторите, е да останеме на страната на светлината.
Распеано и весело мина Бадниковата поворка и во останатите градови низ државата.
Круна на божиќната поворка беше „Божиќната приказна“. Сценскиот перформанс наменет на децата, да им го приближи божиќниот настан низ фантазија.
Викторија Милевска
