„Солени“ цени за празниците
Граѓаните од изутрина растрчани низ пазарите. Ги правеа последните подготовки за празничната посна трпеза. Иако се жалат оти цените се солени, сепак, зависно од длабочината на џебот, од сè по нешто ќе има на масата. И продавачите немаат многу простор за радост – велат дека прометот им е значително намален …

Пред празниците, повисоки цени на производите на зелените пазари. Костените кои традиционално се на трпезата на бадниковата вечер се продаваа од 150 до 200 денари во зависност од сортата, тиквата за 50 денари за килограм. Се купува помалку, но од сè по нешто. Трговците велат, прометот е намален, но сепак се задоволни.
Колку и да е сè поскапено, трпезата мора да е полна, велат граѓаните. Не се штеди. Се правеа последните подготовки, се пазареше во последен момент. Традицијата мора да се одржи.
Колку ќе треба да се издвои за празничната кошница, секој ќе дознае на крајот на јануари кој важи за најтешкиот и најдолгиот месец во годината.
Колку и да поскапо, вечерва трпезата околу која ќе се собере целото семејство мора да е полна, не попусто се рекло-кај и да си за Бадник и Божиќ дома да си.
Марина Стојанова-Тонева
