Кинескиот пазар на недвижности колабира
Се погласни се барањата за олеснување на пазарната политика за да се спречи нов колапс на економијата. Пекинг одговори позитивно, а Народната банка на Кина се воздржува од кратење на каматните стапки...

Ова е еден од ретките протести во Кина. Причината – овие луѓе купиле стан, но сега бараат инвеститорот да си го земе назад и да им ги врати парите. Проблемот –кинескиот пазар на недвижности колабира. Веднаш преку улица, во иста зграда, истиот стан се продава за 20 проценти поевтино. Станарите се чувствуваат измамени.
„Го купив станот на 8-ми кат за 3.000 евра од метар квадратен“, вели еден станар.
Кинескиот градежен бум изминатите години бги крена цените на суровините на светскиот пазар. Во 2011 и 2012 Кина потроши повеќе цемент од САД во целиот 20-ти век. Резултатот –градови без жители, монструозни трговски центри без продавачи, турканица во метрополите. Само во изминатите 4 месеци цените на недвижостите се во слободен пад во 90 % од кинеските градови, инвестициите се неисплатливи. Економистите стравуваат дека ако Кина престане да гради, ќе се урне целиот светски пазар.
„Се намалува побарувачката на материјали. Побарувачката за цемент веќе е намалена за 15 проценти. Побарувачката за челик се намали за 30 проценти. Земјите што ги извезуваат овие материјали како Австралија, Бразил и Канада ќе забележат намалување. Мислам дека се движиме кон глобална дефлација“, изјави Ен Стивенсон Јанг, економист.
Во август активноста на огромниот фабрички сектор во Кина опадна со намалувањето на домашната и надворешната побарувачка. Се погласни се барањата за олеснување на пазарната политика за да се спречи нов колапс на економијата. Пекинг одговори позитивно, а Народната банка на Кина се воздржува од кратење на каматните стапки и им ја олеснува ликвидноста на некои од банките за да издаваат кредити.
Во исчекување на наредните чекори, откако Кина ќе ги објави податоците неделава, економистите предупредуваат - нерамномерната експанзија со зголемен извоз, но забавени инвестиции и потресен пазар на недвижностите е ризична. Сепак, велат, кога ќе се стави се на кантарот, растот на реалниот кинески БДП во третиот квартал е забрзан.
Ивана Салтировска
