Охрид балканскиот Ерусалим дестинација за бројни туристи
Иако Божик е семеен празник, голем број домашни и странски гости празничните денови ги минуваат во Охрид. Градот со 365 светилишта и овој Божик е духовно прибежиште за верници и туристи од различни вери.

Празничната топлина и спокој може да се доживеат и илјадници километри далеку од домот. Иако Божик е семеен празник, голем број домашни и странски гости овие денови го минуваат на брегот на Охридското Езеро.
Охрид – градот со 365 светилишта, дише со древност и традиција, привлекувајќи верници кои сакаат да ја почувствуваат вековната духовност.
„Овие празници од година во година привлекуваат сè повеќе верници и туристи намерници од сите страни на светот, бидејќи Охрид станува еден од центрите на православието. Не треба да се задоволиме со тоа дека Македонија е библиска земја само во географска смисла, туку наша цел е тоа да го докажеме и во духовна смисла“, изјави отец Диме Азески.
Божикната магија не ја чувствуваат само христијаните, туку и туристите од други вери, кои уживаат во празничниот амбиент на градот.
„Градот е фантастичен и гостопримлив, природата е прекрасна, се чувствуваме како дома – дури и подобро“, изјави посетител.
„Јас сум тука првпат. Моите пријатели биле, а јас сега дојдов – преубаво е, многу ми се допаѓа“, рече друг посетител.
„Навистина е убаво и интересно, првпат сум тука“, рече турист.
Туристичките работници велат Охрид е примамлива јануарска приказна, со поволни аранжмани и конкурентни цени.
„Тоа се вклучени аранжмани, односно пакет-понуди, кои на прв поглед изгледаат повисоки, но ве уверувам дека сè уште нема поевтина дестинација од Охрид. Ако ги изземеме хотелските аранжмани, кои се слични со други дестинации, Охрид и понатаму е конкурентен со цените“, изјави Челик Асим туристички работник.
И не секогаш важи народната „За Божик, каде и да си – дома да си“. За многумина, токму Балканскиот Ерусалим, со тивките молитви, светлината на свеќите и спокојот на езерото – станува домот во кој празникот се чувствува најдлабоко.
Соња Рилковска
