Европа заробена во снег и мраз
Европа е под снежна покривка и интензивни врнежи од дожд. Во Франција регистрирани првите жртви. Ниски температури и снег во Холандија, Велика Британија, Италија, Романија. Поради екстремните временски услови, транспортот е отежнат, а регистрирани се и прекини во снабдувањето со електрична енергија. И Балканот е во снежна блокада. Дождот и снегот направија хаос во Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина и Црна Гора, Албанија.

Европа заробена во снег и мраз. Снежниот бран предизвика пад на температурите и хаос во транспортот, стотици затворени училишта и прекини во снабдувањето со електрична енергија. Во Франција регистрирани првите жртви на југозападот на земјата. Поради временските услови властите воведоа забрана за тешки товарни возила на патиштата.
„Им носиме храна и топли пијалоци за да ја добијат потребната удобност чекајќи времето да се подобри за да можат да го продолжат патувањето“, изјави Бенџамин Кретиен, менаџер за цивилна безбедност
„Ќе можат да возат по една линија со ограничување на брзината од 20 километри на час и само по десната лента бидејќи левата лента е сè уште замрзната“, рече анкетиран во Франција.
Во Берлин, повеќе од 25.000 луѓе останаа без струја од саботата. Операторот од денеска почна постепено да го враќа напојувањето. Во Холандија, изобилните снежни врнежи го затворија аеродромот во Амстердам и откажаа околу 400 летови. Железничкиот сообраќај е сериозно нарушен.
„Мислам дека нема да можам да стигнам до Амстердам, па веројатно ќе морам да земам Убер“, изјави патник во Холандија.
„Многу лизгаво. Многу луѓе паѓаат, но за среќа јас не, може да завршите под автомобил, или да паднете погрешно, или велосипедот да се расипе. За жал, јавниот превоз беше тешко достапен“, рече друг.
Тешка е ситуацијата и во Велика Британија. Властите во Шкотска повикаа војската да помогне во чистење на снегот и доставата на храна и лекови за тешко пристапните предели. Во Италија снегот и дождот предизвикаа поплави, а северните региони, вклучувајќи ги Болонја и Доломитите, се подготвуваат за уште пониски температури во наредните денови. Романија исто така се соочува со екстремни зимски услови, пријавени жртви.
„Проблемите почнаа уште од 2 јануари, во текот на ноќта, кога беа регистрирани изобилни снежни врнежи. Моментално работиме со нашите генератори за електрична енергија и со генераторот испратен од Одделот за итни случаи“, изјави Анка Јонела, раководителка на болницата Абруд.
„Имавме пролетни температури минатата година на истиот ден, оваа година не е исто“, изјави анкетиран од Романија.
И Балканот е во снежна блокада. Службите алармираат за зголемен водостој на реките и опасност од свлечишта. Дождот и снегот предизвика проблеми во транспортот, снабдувањето со електрична енергија и вода, особено во Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина и Црна Гора. Во Албанија, во Драч поплавени се стотици домови.
Маријана Димовска
