Западот ги финализира безбедносните гаранции
Украина, Франција и Велика Британија ги финализираат безбедносните гаранции, утврдено е кои земји ќе помогнат на терен за безбедноста и обновата на земјата по спроведувањето на мировниот договор. Утврдени се и механизми за следење на прекинот на огнот кои ќе бидат обезбедени од САД. И покрај напредокот во дебатата за мировниот договор и празниците, војната не запира. Две лица загинаа, а неколкумина се ранети во руски напади во Запорошката област и во Днепар.

Западот ги финализира безбедносните гаранции за Украина, што се основа за иден мировен договор. Украинскиот претседател Зеленски, францускиот претседател Макрон и британскиот премиер Стармер потпишаа декларација за распоредување на мултинационални сили во Украина по завршувањето на војната.
„Утврдивме кои земји се подготвени да преземат лидерство во елементите на безбедносните гаранции на терен, во воздух и на море, како и во обновата. Сè уште треба да утврдиме како ќе се спроведува мониторингот и како ќе се одржуваат и финансираат соодветните сили и бројноста на украинската армија“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина
„Американската поддршка и учество се многу важни за многу земји кои се членки на НАТО затоа што американските капацитети, понекогаш со ексклузивност на одредени компоненти од овие безбедносни гаранции, ги прават клучни“, изјави Емануел Макрон, претседател на Франција.
Договорени се и механизми за следење на прекинот на огнот кои ќе бидат обезбедени од САД. Украинската армија ќе брои 800.000 војници и ќе биде првата линија на одвраќање при евентуален напад.
„Можеме да постигнеме мировен договор само ако Путин е подготвен да направи компромиси. И затоа мора да бидеме искрени. Путин не покажува дека е подготвен за мир. Во последните неколку недели, го видовме спротивното“, изјави Кир Стармер, премиер на Велика Британија.
„Германија ќе продолжи да се ангажира политички, финансиски, а исто така и воено. Ова би можело да вклучува, на пример, распоредување сили за Украина на соседна територија на НАТО по прекин на огнот“, изјави Фридрих Мерц, канцелар на Германија.
По бадниковата богослужба, рускиот претседател се обрати на присутните во црквата, вклучувајќи ги и руските војници и нивните семејства и се осврна на одбраната на татковината.
„Го славиме прекрасниот, светол празник на Христовото раѓање. И многу често го нарекуваме Господ Спасител, бидејќи Тој дојде на Земјата за да ги спаси сите луѓе. Значи, воините, воините на Русија, секогаш, како во име на Господ, ја исполнуваат токму оваа мисија – да ја заштитат Татковината, да ја спасат неа и нејзиниот народ“, изјави Владимир Путин, претседател на Русија.
И покрај напредокот во дебатата за мировниот договор и празниците, војната не запира. Две лица загинаа, а неколкумина се ранети во руски напади во Запорошката област и во Днепар.
Наташа Гркова- Петрушевска
