„Tрета Mакедонска бригада“ прерасна во модерен булевар

08.09.2014 17:33

Булеварот „Трета Македонска бригада“, нагласи во обраќањето Груевски, во минатото беше тесна сообраќајница, со две ленти и до одреден степен не дозволуваше брз проток на возила...

Заврши првата фаза од реконструкцијата на булеварот „Трета Македонска бригада“. Сообраќајницата се прошири со 4 коловозни ленти. Градот Скопје инвестираше 147, 2 милиони денари.

Премиерот Никола Груевски, заедно со градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски денеска официјално ја отвори за сообраќај првата делница од проширениот и реконструиран булевар „Трета Македонска бригада“ во Скопје.

Булеварот „Трета Македонска бригада“, нагласи во обраќањето Груевски, во минатото беше тесна сообраќајница, со две ленти и до одреден степен не дозволуваше брз проток на возила.

Скопје продолжува да се гради, во секоја населба се подобрува инфраструктурата, водоводот, канализацијата, секаде се уредува со ново зеленило, се поставува осветлување, со цел да се задоволат потребите на граѓаните за урбано живеење, рече премиерот Груевски.

Нагласи дека Владата останува партнер и поддржувач на секој добар проект, на секоја Општина и на секој градоначалник кој сака да работи и сработи нешто повеќе за своите граѓани.

Градоначалникот Трајановски потенцира дека булеварот „3-та Македонска бригада“, е проширен и реконструиран на потегот од булеварот Србија до улицата „Фрањо Клуз“ во должина од 1.243 метри. Вкупната вредност на проектот за проширување и реконструкција во прва фаза, информираше, изнесува 147,2 милиони денари. Градот Скопје за изградбата на оваа значајна делница потроши 133 милиони денари, а за осветлување со 78 столба во висина од по 10 метри, на кои се поставени 122 светилки, вложени се 6,2 милиони денари со ДДВ.

Од двете страни се изградени тротоари покриени со бекатон плочки, на вкупна површина од 9.200 квадратни метри. Поставена е атмосферска канализација во должина од 1.300 метри со променлив профил, појасни градоначалникот на Скопје.