Свет

Американската војска го заплени танкерот „Маринера“, што пловеше под руско знаме

08.01.2026 09:08

Танкер за сурова нафта стана центар на глобални тензии откако со денови беше следен од американските сили и на крајот запленет во Северниот Атлантик...

Танкер за сурова нафта стана центар на глобални тензии откако со денови беше следен од американските сили и на крајот запленет во Северниот Атлантик. Американската војска објави дека „Маринера“ претходно познат како Бела-1 пловел под руско знаме и ги прекршил санкциите. Москва внимателно ја следи ситуацијата и потврди дека на танкерот му била доделена привремена дозвола според руското и меѓународното право. Британскиот министер за одбрана вели дека им помогнале на САД во акцијата.

„Велика Британија, на барање на САД, ја поддржа оваа операција како дел од глобалните напори за справување со кршењето на санкциите и активностите на таен превоз. Ова е санкциониран, брод без државјанство, кој има долга историја на злобни активности и има тесни врски и со Иран и со Русија. По барање од САД, одобрив употреба на британски бази и распоредување на средства на Кралската морнарица. Ова беше американска операција. Ниту еден британски персонал не учествуваше во заплената“, изјави Џон Хили, министер за одбрана на Велика Британија.

Бродот е под санкции на САД од јуни 2024 година под обвинение за транспорт на нелегален товар за Хезболах. Јужната команда на САД објави и дека е запленет уште еден брод од флотата во сенка, кој пловел во Карипското Море.