САД заплени руски брод
САД запленија две пловила поврзани со венецуелска нафта во операции во северниот Атлантик и Карибите. Москва потврди дека на танкерот „Маринера“ во декември му била доделена привремена дозвола според руското и меѓународното право. Неизвесноста расте во латиноамериканските земји. Во Каракас поддржувачите на владата на протест побараа враќање на соборениот претседател Мадуро.

Пловилата од т.н „Флота во сенка“ која Русија, Иран и Венецуела ги користат за заобиколување на меѓународните санкции одново ги разгоруваат тензиите. САД запленија два танкера поврзани со венецуелска нафта во операции во Северниот Атлантик и Карибите. Танкерот „Маринера“ претходно познат како Бела-1 пловел под руско знаме од 24 декември. Бродот „Софија“ пак пловел без државјанство во меѓународни води. Потезите следуваат откако Каракас и Вашингтон постигнаа договор за извоз на венецуелска сурова нафта во САД во вредност до две милијарди долари.
„Тоа беше лажен руски танкер за нафта. Тие во основа се обидоа да се преправаат дека се руски танкер за нафта во обид да го избегнат режимот на санкции. Но, луѓето секогаш прашуваат, како ја контролирате Венецуела? И всушност го гледаме тоа како се одвива во реално време. Начинот на кој ја контролираме Венецуела е дека ги контролираме паричниците, ги контролираме енергетските ресурси и му кажуваме на режимот дека ви е дозволено да ја продавате нафтата сè додека им служите на националните интереси на Америка. И така вршиме неверојатен притисок врз таа земја без да загрозиме ниту еден американски граѓанин“, изјави Џ.Д. Венс, потпретседател на САД.
Заплената на пловилата предизвика остра реакција од Русија, која го оцени како „модерно пиратство“, додека дел од европските земји изразија сериозна загриженост за почитувањето на меѓународното право.
„Во согласност со нормите на Конвенцијата на Обединетите нации од 1982 година за правото на морето во водите, слободата на пловидба е загарантирана во меѓународните води и ниедна држава нема право да употреби сила против бродови прописно регистрирани во јурисдикциите на други држави“, стои во соопштението на руското Министерство за транспорт.
Британскиот министер за одбрана вели дека им помогнале на САД во акцијата за заплена на танкер кој е под санкции од јуни 2024 година и под обвинение за транспорт на нелегален товар за Хезболах.
„Велика Британија, на барање на САД, ја поддржа оваа операција како дел од глобалните напори за справување со кршењето на санкциите и активностите на таен превоз. Ова е санкциониран, брод без државјанство, кој има долга историја на злобни активности и има тесни врски и со Иран и со Русија. Ова беше американска операција. Ниту еден британски персонал не учествуваше во заплената“, изјави Џон Хили, министер за одбрана на Велика Британија.
Според аналитичари, заплената на танкерот под руско знаме ги става на тест дипломатските напори на Вашингтон и Кремљ за крај на војната во Украина. Од друга страна неизвесноста во латиноамериканските земји расте откако САД изврши напади со цел апсење на венецуелскиот лидер. За 17 март е закажано рочиште кога Мадуро и неговата сопруга треба да се појават пред судот во Њујорк. Во Каракас поддржувачите на владата на протест побараа враќање на соборениот претседател.
Маријана Димовска
