Грчките земјоделци во 48-часовна блокада, ќе бидат затворени Богородица и Меџитлија
Земјоделците најавуваат дека одлуките за времетраењето на блокадите ќе ги носат на лице место, со можни повремени отворања, особено на Меџитлија. Граничниот премин Дојран засега функционира непречено.

Грчките земјоделци денеска и утре започнуваат 48-часовна блокада. Ќе бидат затворени и граничните премини кон Македонија – Ники (Меџитлија) и Евзони (Богородица).
Според најавите, преминот Ники ќе биде затворен од 10 часот по македонско време, а Евзони од 11 часот, при што сообраќајот ќе биде целосно запрен за камиони, автомобили и автобуси. Земјоделците најавуваат дека одлуките за времетраењето на блокадите ќе ги носат на лице место, со можни повремени отворања, особено на Меџитлија. Граничниот премин Дојран засега функционира непречено.
Блокади се најавени и на повеќе клучни автопатишта во Грција, вклучително и Солун–Атина и Егнатија, како и на граничните премини кон Бугарија и Албанија, поради што земјата практично ќе биде поделена на два дела.
Одлуката за радикализација на протестите е донесена по состанокот на земјоделците кај Солун, поради незадоволство од мерките што ги соопшти грчката Влада.
Иако властите тврдат дека дел од барањата се исполнети или во постапка, земјоделците најавија продолжување на протестите, кои траат веќе околу 40 дена.
